Владата нема ингеренции во изборот на кандидатите
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата нема ниту можност ниту овластување да интервенира во изборот на членови на Судскиот совет. Нагласи дека целата постапка е во надлежност на Парламентот. Изјавата ја даде одговарајќи на новинарско прашање во врска со предложениот кандидат кој доаѓа од редот на заедница што брои над 20 проценти.
„Тој е кандидат којшто го гласа Парламентот и како член во Судскиот совет од редот на малцинствата што се повеќе од 20 проценти, во случајот дел од албанската заедница. Се додека кандидатот ги исполнува условите согласно повикот и сите тие критериуми согласно закон, ние тука не можеме ништо да направиме како Влада, на крајот останува на пратениците дали ќе го поддржат или ќе бараат друго решение“, рече Мицкоски во одговор на прашањето за предлогот за нов член кој претходно бил советник во МВР.
Тој повтори дека изборот е надвор од Владата:
„Ова не е предлог на Владата, туку предлог што доаѓа од Парламентот“.
Говорејќи за новиот закон, Мицкоски додаде:
„А што се однесува до останатиот предлог и вториот предлог којшто од денеска треба да му истече мандатот, а кој што доаѓа на предлог на претседателката, многу беше прецизна претседателката и кажа кога ќе се донесе новиот закон, а новиот закон веќе е во парламентарна процедура. Помина на Венецијанската комисија, чекаме мислење од канцеларијата на Европската комисија, но тие имаа експерти во изготвувањето на истиот, така што не очекувам дека ќе бидат против. Очекувам до крајот на годината да се донесе и предлозите од Кабинетот на претседателката исто така да бидат дел од собраниската процедура“.
Министерството за правда соопшти дека вчера комисиите го поддржале новиот Предлог-закон за Судски совет, истакнувајќи дека еднаква поддршка дала и опозицијата.
