Мицкоски за пресудата за смртта на Теодора Ристевска: „Ова не е правда, тука имаме потфрлање на системот по сите основи“

„Ова не е правда! Тука имаме потфрлање на системот по сите основи“. Со овие зборови премиерот Христијан Мицкоски денес ја коментираше пресудата на судот во Тетово, кој изрече казна од само две години затвор за возачот што ја усмрти 22-годишната Теодора Ристевска.

„Јас не само што сметам дека правдата не е задоволена, туку и како претседател на Владата, како човек и како родител на две деца, сум силно разочаран“, рече Мицкоски во својата изјава.

Судскиот совет да го преразгледа работењето на судијата кој ја донел оваа пресуда

СУДИЈАТА КОЈ ПРЕСУДИ 2 ГОДИНИ ЗА УБИСТВОТО НА ТЕОДОРА: Ферати сам ги ги поправал оценките по право на универзитетот во Тетово!

Тој додаде дека, иако е свесен дека може да следуваат критики, јавно бара од Судскиот совет да го преразгледа работењето на судијата кој ја донел оваа пресуда.

„Ова не е партиска борба, ова е битка за вистината, за одговорноста, за правдата. Затоа што ова е борба меѓу луѓе и нелуѓе. И луѓето мора да победат. Само така можеме заедно да победиме“, потенцираше премиерот.

Мицкоски порача дека доколку системот не се ресетира сега и не се преземат мерки веднаш, тогаш, како што рече, „сè друго ќе биде залудно“.

„Ова не е прашање за политика, ова е прашање на иднината. Кој бил дел од ова? Кој дозволил? Кој гледал на страна – ќе одговара! И институциите и одговорните лица, и сите кои на било кој начин придонеле за оваа трагедија да се случи. Секој што ја злоупотребил својата моќ, секој кој го ставил својот интерес пред безбедноста на граѓаните, ќе се соочи со правдата. Ова нема да биде уште еден случај што ќе се затвори без одговорност“, изјави Мицкоски, додавајќи дека лично ќе го следи случајот и дека „правдата ќе ја истера до крај“.