„Поробени, но никогаш покорени“ се зборовите со кои почнува манифестот на македонските Партизани кои го испраќаат до народот што во тоа време се соочил со најголемата воена агресија дотогаш. Во овие зборови е содржана суштината на поривот и пркосот што таа генерација го даде кон тогаш најголемата сила што светот ја познаваше. Во таа реченица се препознава одлучноста да се успее и кога многу поголеми се против вас и дека секоја битка може да се победи или да се загуби обидувајќи се да се победи, но никогаш да не се откажете дури и тогаш кога мислите дека работите изгледаат безизлезни.
Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски во својот говор на Свечената академија во Прилеп по повод големиот македонски празник 11-ти Октомври.
-Потребно е за сè да се има цел и мотив за борба. Слободата беше заедничката цел на луѓето од различни народи кои тогаш се обединија. Таа генерација немаше гаранција дека ќе победи, напротив, се соочуваше со удари и препреки за секоја педа за која се бореа, но останаа непокорни и на крајот победија. Тие тогаш го сплотија народот во заедничка цел. Имаа идеја и идеал, преточен низ многу претходни борби. Ниту еден голем успех не доаѓа наеднаш, ниту незаслужено, туку многу трпеливо, со многу труд и постојанство. Впрочем, во тоа победоносно „УРА“, тој 11-ти октомври, е содржан и крикот на борците, комитетите од Илинденската епопеја. Таа долга низа на борби, во која заслуга има и организацијата што беше тврдина што го обединуваше тој неверојатен континуитет на отпор против империјата и буквите со кои историски е врзана нашата борба за слобода и своја држава – ВМРО, порача премиерот Мицкоски.
Тој истакна дека тоа беа генерации што се запишаа во нашата историја, кои ја газеа патеката што остана за многумина потоа да ја врват и да ја остават на своите деца, пренесувајќи го огнот на идеалите во кои верувавме.
-Сакам да верувам дека сите ние заедно сакаме да ја продолжиме патеката што ни ја оставија нашите предци, но она што го гледаме овие повеќе од три децении нè учи дека има и такви што сакаат да си прават свои патеки, и неретко скршнуваат од тој пат чија цел е нашата татковина. Оваа држава и нашите граѓани поминаа драматично тешки моменти. Ембарга, криминална транзиција, нечесна приватизација, воен конфликт, вета, промена на знаме, на име, устав, уценувања кон остварување на стратешките цели, срамни договори и уште многу други работи. И и секоја од нив оставаше трага врз нашата колективна свест и меморија. Токму тие лузни ги гледам во погледот и во лицата на секој еден од вас. И тие длабоки лузни ги носиме во заедничките сеќавања и во срцата на секој човек. Секој поединечно, но сите заедно минувавме низ тие премрежја. И јас, исто како и вас, ја чувствував транзицијата и периодот на неизвесност кога родителот гледа како нешто што го градел со години преку ноќ му се уништува и останува без работа. Јас, исто како и вас, чувствував кнедла во грлото од непринципиелните и неправедни договори за името, знамето, договарањата во четири очи за нашите судбини. Сакам да кажам дека никој од нас не е исклучен од свесноста за она што ѝ се случи на државата и сите овие работи ја уништуваа самодовербата и ја убиваа надежта. Многумина, тоа е причината поради која си заминаа и неповратно се иселија, рече Мицкоски во својот говор.
Премиерот порача дека оправдано, но сепак поразително за целата држава е констатацијата на многумина дека системот во поранешната држава бил многу поорганизиран од сега.
-Не е тоа толку носталгија кон тој систем, нешто што било пред три децении, колку што е пред сè револт кон нефункционирањето на системот што се гради овие три децении. А системот е трул и нефункционален, оптоварен со многу отстапки, неразумни компромиси, силувања, разочарувања. Затоа на граѓаните им се смачува од политика, од расправии за основните прашања. Затоа што премногу луѓе го заборавија моралот и вредностите што треба да бидат арматурата отпорна на сите потреси. И виновниците за сето ова имаат и име и презиме. И ги знаеме сите нивни репризи, фарси, нивните мотиви и нивните цели што не се исти со нашите. Не знаеме до кога ќе прават вака, но знаеме дека нема да дозволиме да успеат, дури и тогаш кога ќе подаруваат подароци на други држави, а и кога ќе добиваат подароци од други држави. Она што вистински го знам и го потпишувам е сознанието дека оваа генерација, оваа наша генерација, е последната шанса после која стравувам дека ќе нема простор за поправен. Знам дека ова е последната надеж за многумина што со внимание следат што правиме и како се бориме. На сите нив им велам дека ќе успееме и ќе победиме. Ве уверувам дека ќе победиме! Заедно и сложно, со целата наша сила и капацитети ќе ја застанеме Македонија на нозе. И ќе ги поправиме сите темели што ги уриваа со децении наназад низ времето, порача Мицкоски.