Нашата сила е во обединетоста и стабилноста преку зајакнување на односите со нашите соседи и со Европската Унија, преку отворање нови пазари, нови работни места, нови пријателства, отстранување на бариерите за трговија, подобрување на инфраструктурата и зголемување на инвестициите, порача премиерот Христијан Мицкоски денеска на отворањето на лидерскиот самит на ЕУ и Западен Балкан, посветен на Планот за раст, кој е можност за евалуација на постигнатиот напредок и дефинирање на следните чекори за зајакнување на европската интеграција на регионот.
– Предводиме на патот на реформите, кои значат од подобро владеење и почиста енергија, пофер правда и силни бизниси. Докажуваме дека промената е возможна кога работиме заедно со одлучност и визија – истакна Мицкоски.
Осврнувајќи се на тоа дека Македонија е првата земја од Западен Балкан што го заврши договорот за предфинансирање во рамки на Планот за раст, Мицкоски нагласи дека тоа е рефлексија на довербата која земјата ја ужива поради нејзината заложба, посветеност, владеење на правото и економската модернизација, поставувајќи пример за соседите и забрзувајќи го патот кон ЕУ.
– Овој европски пат им припаѓа на сите граѓани, на сите бизниси, на секоја заедница, сите да бидеме дел од оваа трансформација. Кредибилитетот на Планот на ЕУ се заснова на исполнување на ветувањата и испорачување на придобивките. Граѓаните треба да ги почувствуваат придобивките од интегрирањето сега – во нивните бизниси, во институциите, во секојдневниот живот. Сите имаме заедничка иднина и за да обезбедиме единство и стабилност, потребно е да работиме заедно – како соседи, партнери, како регион. Заедно можеме да изградиме силен и поврзан регион, кој е просперитетен, инклузивен и европски – истакна премиерот.
Тој додаде дека Западен Балкан е витален дел од европската сегашност и суштински за нејзината иднина. Тоа, според него, е регион со богат потенцијал и амбиции, кои често пати се засенети од наративи на поделби и одложувања.
– Но кога ќе погледнам во просторијава, гледам регион дефиниран од дух кој одбива да биде оставен назад. Овој Самит е посветен на заедничка визија – визија во која инвестициите растат, иновациите цутат, а интеграцијата создава можности кои се достапни за сите. Визија во која Западниот Балкан не е веќе чекална, туку регион кој се движи, расте и еволуира. Како Влада, оваа визија не води во секој чекор, во нашите заеднички реформски напори и регионалната соработка – рече Мицкоски.
Тој најави и конкретни мерки што Владата веќе ги спроведува – од забрзување на граничните премини, до приклучување кон европскиот систем за плаќање СЕПА.
– Посветени сме на усогласување со ЕУ стандардите – од безбедност на производите до дигитален идентитет. Овие напори ја нагласуваат нашата подготвеност за подлабока интеграција и обезбедуваат највисоки стандарди за нашите граѓани и партнери – рече Мицкоски.
На самитот, чиј домаќин е премиерот Мицкоски, учествуваат и еврокомесарката за проширување и добрососедска политика Марта Кос, лидерите од Западен Балкан, министри, високи претставници од ЕУ, регионални организации и меѓународни институции.