Зад ТЦ „Капитол“ ќе има нов сквер

Реконструкцијата на скверот позади ТЦ „Капитол“ во Општина Аеродром официјално започна. Премиерот Христијан Мицкоски ја најави оваа инвестиција како дел од владините проекти за подобрување на урбаните површини. Овој проект е вреден 45 милиони денари и има за цел да го подобри квалитетот на животот на жителите. Мицкоски проектот го опиша дека треба да создаде простор погоден за рекреација и дружење.

Во продолжение може да погледнете видео од целиот настан.

(ВО ЖИВО) Мицкоски, Николоски, Перински и Митески во Аеродром: Следува целосна реконструкција на плоштадот зад Капитол

Нов изглед за овој дел од Општина Аеродром

„За мене претставува задоволство што сум денеска тука, да го отпочнеме овој проект, којшто е дел од првата фаза на владините инвестиции во општините. Убеден сум дека ова место, кое во моментов не изгледа најдобро, ќе добие сосема нов лик за многу кратко време,“ истакна Мицкоски.

Оваа инвестиција ќе овозможи трансформација на просторот, што ќе придонесе за поголема функционалност и удобност за граѓаните, особено за најмладите и нивните семејства.

Нови проекти со значителна финансиска поддршка

Покрај тековниот проект зад ТЦ „Капитол“, Мицкоски најави и нов повик за финансирање проекти во општините, кој ќе биде значително поголем во вредност од првиот.

„Во оваа недела очекувам да го распишеме вториот повик, кој ќе биде со вкупна вредност до 15 милијарди денари. Ги повикувам општините да подготват апликации, бидејќи овој пат условите за аплицирање ќе бидат олеснети. Општините кои имаат подготвени проекти и обезбедена документација за тендерирање ќе можат да аплицираат, а во меѓувреме да ги решаваат останатите административни барања,“ објасни тој.

Поддршка за урбан развој и инфраструктурни подобрувања

Со овој план, Владата очекува стотици проекти да бидат одобрени и реализирани, што ќе придонесе за забрзан урбан развој низ целата земја.

„Нека ни се множат вакви убави работи и сите да уживаме во една поубава Македонија,“ заклучи Мицкоски.