Мицкоски: Започна со работа новата хала на „Амфенол“ со 200 работни места, план за 3.700 вработени

Премиерот Христијан Мицкоски информираше дека започна со работа новата хала на компанијата „Амфенол“ во Кочани, со што се отвораат 200 нови работни места. Во моментов компанијата вработува околу 3.200 лица, а со реализација на новите две фази ќе бидат додадени уште 500 работни места – 300 догодина и дополнителни 200, со што бројката ќе достигне 3.700 вработени.

Приходи од 200 милиони евра

„Амфенол“ работи со современа технологија и производство со висока додадена вредност, што директно влијае врз растот на БДП. Мицкоски нагласи дека годишните приходи на компанијата се движат околу 200 милиони евра, што претставува значаен придонес не само за локалната, туку и за целокупната македонска економија.

Владата со поддршка за инвестиции

Премиерот истакна дека Владата ќе продолжи да поддржува директни домашни и странски инвестиции, сметајќи ја „Амфенол“ за стратешки партнер. Тој додаде дека се создава стабилна бизнис клима и услови за отворање квалитетни работни места, со цел да се намали иселувањето и да се врати дел од работната сила во Македонија.