Заврши првата фаза на санирање на хидросистемот Ѓавато, напиша на Фејсбук, претседателот на владата, Христијан Мицкоски.
Бунарскиот дел е комплетно завршен, пуштена е водата и нема никаде протекување. На првата шахта е монтирана една репарациона спојка, на втората шахта монтирани се две репарациони спојки, на делот каде што се спојува цевката Ф273 со Ф914 – извршено е заварување со дупли лимови. Останува уште една интервенција на цевката за испуст и со тоа ќе бидат дуплирани количините вода кои ќе се влеваат во Дојранското езеро. Каква беше состојбата пред интервенцијата? Повеќе од четири години пробиени цевки на двата функционални бунари. Потрошени повеќе од половина милион евра за електрична енерија, а ефектот минимален или никаков. Два функционални од десет направени бунари. Негрижа и срам. Во втората фаза ќе обезбедиме најмалку уште две бунарски пумпи за зголемен капацитет и побрзо полнење на Дојранското езеро. Владата во втората фаза ќе го задолжи ФОД при ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ) да ги репарира постојните потисни пумпи. Конечно во последната трета фаза ќе инсталираме сончеви панели со батерии за акумулирање на електричната енергија и сопствено производство на електрична енергија. Нема трошење милиони евра од буџетот за електрична енергија, се вели во Фејсбук статусот на претседателот на владата, Христијан Мицкоски.
Продолжуваме да го исправаме тоа што е уништено, запоставено. Многу работа завршивме, уште повеќе не чека. Македонија се сака со дела, додава Мицкоски.