Жените се „моторот“ на општествените промени. Тие се фундаментот на општеството, носители на борба, истрајност и промени. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски. Тој денеска учествуваше на 20-тата Годишна конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ,  во Градскиот парк во Скопје.

– Жените низ времињата биле моторот кој усмерувал, истрајувал низ сите бури и премрежја. Денес кога гледам во колкав број и со каква енергија сме тука. Јасно е дека идејата е сѐ уште жива. Мотивот поголем од било кога. Ова го изјави Мицкоски, нагласувајќи ја клучната улога на жените во градењето на државните и општествените процеси.

Во своето обраќање, тој изрази длабоко уважување кон секоја жена која со мудрост, волја и ентузијазам придонесува за иднината на државава.

– Македонија мора да успее. И тие победи мора да се случуваат секој ден, сантиметар по сантиметар, чекор по чекор, непрестајно да се бориме за нашата иднина, порача премиерот, истакнувајќи дека оваа борба е заедничка и дека секоја жена е дел од тој процес.

Мицкоски упати благодарност до претседателката Жаклина Пешевска и сите членки на Унијата на жени, нагласувајќи дека нивната посветеност, активност и ангажман се темел на политиките што се стремат кон подобра иднина за државата.

Конференцијата, која годинава го носи мотото „Жените громогласни за Македонија“, ја истакнува дведецениската посветеност на Унијата во борбата за правата и застапеноста на жените во политичкиот и општествениот живот.

Извор: Курир