Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис денеска изврши реконструкција на владата во обид да ги ублажи последиците од скандалот со наводна измама со земјоделските субвенции од Европската Унија.

Скандалот се однесува на обвиненија поднесени минатата година од европските обвинители против десетици сточари, кои се сомничат дека фалсификувале документи за сопственост на пасишта за да добијат милионски субвенции од ЕУ, наводно со помош на државни службеници и политичари од власта.

Поради аферата, еден министер и неколку високи владини функционери поднесоа оставки, а Европската Унија ја казни Грција поради лошо управување со субвенциите преку грчката Агенција за исплати.

Како дел од проширената истрага, главната европска обвинителка Лаура Ковеши пред два дена побара од грчкиот парламент да го укине имунитетот на најмалку 11 пратеници и одредени министри за да може да бидат испитани за нивната можна вмешаност.

Обвинителството не ги објави имињата на осомничените, бидејќи тие уживаат уставна заштита сè додека парламентот не им го одземе имунитетот. Минатата година, министер и четворица високи функционери веќе поднесоа оставки поради нивната наводна улога во случајот.

Во рамки на реконструкцијата, Мицотакис го именува Маргаритис Шинас, поранешен потпретседател на Европската комисија, за министер за земјоделство. Шинас е поранешен европратеник и долгогодишен функционер во ЕК.

За министер за климатски кризи и цивилна заштита е назначен Евангелос Турнас, пензиониран офицер на грчките воздухопловни сили.

Претходно оставки поднесоа и заменик-министерот за здравство, партискиот секретар и владиниот портпарол.

Партијата Нова демократија на Мицотакис има 156 пратеници во парламентот од вкупно 300.

Истрагата опфаќа наводни кривични дела против финансиските интереси на ЕУ од 2021 година, вклучувајќи злоупотреба на доверба, компјутерски измами и лажно сертифицирање со цел стекнување незаконска корист.

Грчката Агенција за исплати управува со повеќе од две милијарди евра европски средства за земјоделство годишно.

Опозициските партии ја отфрлија реконструкцијата и повторно побараа распишување предвремени избори.

Новите членови на владата ќе положат заклетва в сабота.