Дел од барањата на земјоделците се исполнети, дел финансиски се неизводливи

Грчката влада оценува дека значителен дел од барањата на земјоделците веќе е решен или се разгледува во позитивна насока. Премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис, информира дека од вкупно 27 барања, 16 се исполнети или добиле позитивен третман, четири се во фаза на обработка или дискусија, додека седум не можат да се реализираат.

Како што напиша Мицотакис на Фејсбук, дел од барањата се во спротивност со основните европски правила и со функционирањето на заедничката земјоделска политика, а други се оценети како финансиски неизводливи. Тој повтори дека владата останува отворена за дијалог, „но не и за неразумни барања“, јави дописничката на МИА од Атина.

Критика за блокадите и одбивањето дијалог

Во својот традиционален неделен пост, грчкиот премиер се осврна и на протестите и блокадите на земјоделците, кои траат веќе три седмици. Тој порача дека одбивањето дијалог не носи корист и претставува пример за неконструктивен пристап.

„Економските последици од блокадите врз остатокот од општеството веќе се очигледни. Борбата за остварување на барањата мора секогаш да биде со почит кон општеството во целина. А ако земјоделците од блокадите одбиваат да ја слушнат Владата, нека ги слушнат хотелиерите, угостителите, стопанските комори од нивната област. Нивните пријатели и роднини кои сакаат да патуваат и да ги посетат за празниците. Но, нека размислат и за нашата татковина, за нејзината меѓународна трговија и економската активност, врз кои нивните протести влијаат негативно и, секако, без никакво позитивно влијание врз нивните барања,“ напиша Мицотакис.

Протестите продолжуваат, но со најави за отворање на патиштата

Земјоделците ги започнаа протестите на 30 ноември, со поставување на над 60 блокади низ цела Грција. И покрај пораките од владата, тие не се откажуваат од своите барања и во текот на денешниот ден ќе одржат нови состаноци за да ги одредат следните чекори.

Според најавите, за време на Божиќ и Нова година планираат да ги отворат автопатите и улиците, но тракторите ќе останат паркирани. Од 1 декември, трактори се поставени и на граничниот премин Евзони кон нашата земја, каде што во изминатите денови, од 18 до 22 часот по локално време, сообраќајот беше целосно блокиран за сите возила.