„Анкетната комисија е формирана со два месеци работно време, во првиот месец кој што комплетираше на 3-ти ноември се заврши со распитот на сведоците кои што беа повикани, односно на оние што одлучија да присуствуваат на анкетната комисија. Беа повикани околу 60-тина за распит на анкетната комисија. А, присуствуваа 52, а 10-тина со разно различни изговори одлучија да не присуствуваат. А, од одредени кои што присуствуваа дополнително решија да присуствуваат без да ги достават документите и актите кои што беа побарани од нив, што ја намалува вредноста на распитот поради тоа што ако немате документација за распит, тогаш што ќе поставувате како прашање“, истакна пратеникот Рашела Мизрахи во гостување на радио „Лидер“.
Мизрахи додаде дека овој месец е за носење на заклучоци. Но, таа одлучила овој месец да помине во разгледување на стенограмите од распитот на сведоците и експертите повикани, и дополнително материјалите и актите што беа побарани.
„За мене беше симптоматично народниот правобранител што не сакаше да присуствува на втората покана, на 03.11 беше повикан и по втор пат и екс министерот Венко Филипче како и еден од директорите на ФЗОМ, кои што решија да не присуствуваат. Иако за обајцата неформално имаме информација дека можеа да присуствуваат“, рече таа.
„Дополнително на првото сослушување еве на екс министерот Венко Филипче изјави дека стои целокупно на располагање за сите материјали, за се што може да помогне на анкетната комисија, меѓутоа на тој ден кога беа присутни Јовески, Оливер Спасовски, екс министерот Венко Филипче не се појави“, нагласи Мизрахи.
Таа посочи дека не може да се прави истрага на таков траорен скандал занемарувајќи го министерот на тој сектор.
„Во текот на 2018-тата година до месец март се евидентирани во т.н. условен буџет осум медикаменти од типот на биолошка терапија во Клиниката за онкологија. Што значи дека Клиниката распишала тендер и си набавила биолошка терапија, осум медикаменти, поради цената на медикаментите во лимитирани количини. Тука првин почнува најавата од страна на Венко Филипче дека во државата ќе се носи биолошка терапија, дека ќе има спектрум на биолошки медикаменти, 20, 30, 40 иновативни, што е за пофалба нели кога ќе го слушнете тоа по медиуми. Она што е дискутабилно и што беше претставувано во неколку наврати на анкетната комисија од моја страна, па дури и во една презентација која што ја претставував за работата на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, е тоа што од 2018-тата година кога почнува овој разговор помеѓу министерот и јавноста Клиниката за радиотерапија и онкологија е повикана да даде листа на медикаменти и нивни јачини, биолошка терапија. На секои 20 дена Клиниката испраќа список до министерството за здравство со листа на медикаменти која што никогаш не е иста со претходната, сите се различни, јачините се различни, типот на медикаменти се различни, количините на медикаментите се различни. Па, дури и бројот на пациенти е дискутабилно различен“, појасни Мизрахи.
Таа рече дека во текот на месец јуни до месец јули бројот на пациенти евидентиран во тие листи и доставен до министерот варира од регистрирани 5 пациенти да во наредната листа имате регистрирани 37.
„Во работењето на една клиника, во работењето на било која установа, вие не можете да не знаете колку луѓе имате вработено, колкави количини ви се потребни, колку кафе ќе набавите за тек на денот, а камо ли да не знаете колку пациенти имате кои што ви ротираат во секторите“, нагласи Мизрахи.