Денеска се отвора културен центар, и треба да биде културен центар, во балканскиот Ерусалим зар немаше попогодно име на бугарскиот народ? Зарем нема интелектуалци од софискиот универзитет? Зарем нема престижни имиња на хирурзи, поети, филозофи во Бугарија? Да, има! На крајот од денот бугарскиот народ не бил фашистички народ, имало монархофашистичка власт. Зошто оживуваме минато, запраша пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи при гостување во централниот дневник на Сител телевизија.

Мизрахи додаде дека денес имаше провокации.

„Провоцираат, и на провокации нас нѐ боли. Зошто нѐ провоцирате? Зошто едноставно нѐ одберете имиња кои што може навистина да имаат големо културно значение во нашата држава? Па уште и знаме имаше на некој кој што е вооружен и кој што има такво минато“, појасни пратеничката.

Таа додаде дека денешниот настан во Охрид создава омраза помеѓу двата народа.

„Во Израел споменик од Цар Борис Трети нема. Меѓутоа сакам да надополнам на пример дека во Вашингтон има улица која што е именувана по адвокатот, правник Димитар Пешев, можеби тоа име ќе беше пополесно да се употреби. Тој е адвокат бил против наративот на овие закони, законот за еднократен данок и законот за чиста нација. Бил повеќе демократ отколку што многумина може денеска да се наречат. Зошто не го искористија тоа име“, запраша таа.

„Доколку државата сака секогаш се има начин да се спречи било што. Доколку јас правам нешто кое што е неприфатливо за оваа држава, без разлика дали имам пратенички мандат ќе бидам спречена до утре наутро. Претпоставувам дека истото важи за сите граѓани во оваа држава. Меѓутоа дека државата покажува институционална дисфункционалност е од повеќе од јасно. Врвот на таа дисфункционалност е секако Владата на државата, таа го поставува редот на нештата, таа ја поставува аритмиката на функционирање на институциите. Се чини дека последните 5-6 години особено последнава што е страотно бидејќи од КОВИД криза влеговме во страшна економска криза, енергетска криза, топлинска криза и така натаму, нашите институции буквално не функционираат“, нагласи Мизрахи.

Мизрахи рече дека државата односно институциите требало да спречат отворање на клубови со фашистички имиња.
„Со ваквиот наратив и однесување на нашите политички елити односно мнозинството и власта се чувствувам поинаква и незаштитена“, истакна пратеничката.