Минатиот владин состав предводен од Заев остави пустош, ја разори државата по сите основи, политички, економски, културно, здравствено. Македонија се дави, политиките на Заев ја урнисаа државата во секој можен сегмент, изјави на денешната собраниска седница на која се дискутира за избор на новата влада, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи.

Мизрахи потенцираше дека новата влада едвај има мнозинство во парламентот, а и тоа е прибавено со политички пазарлак, притисоци и уцени.

– Нема политички легитимитет, нема политичка влада, ја нема довербата од граѓаните, а немаат ни идеја како понатаму. Програмата од 60 страни над 80% е плагијат на програмата со која Заев стана премиер. Чуда ќе и требаат на државата да излезе од гнилежот во кој ја остави Заев. Луѓето сакаат одговори и одговорност, систем, а не спинови и лаги. Народот сака иднина, работа, заработка, патишта железници, одговори и одговорност за жртвите кај Ласкарци, тетовската болница, автобусот во Бугарија, одговори за пожарите, за обвинителството, судството, за цените, за образованието, за сите лаги кои ги повторуваше Заев, изјави Мизрахи.

Таа нагласи дека тие одговори и таа одговорност нема да ја даде Ковачевски и нема да сака да ја даде.

– Тоа го покажува неговото поклонување. На запад не гледаме поклонувања освен во театар, пред монарх или поред Бога. На кого му се поклони Ковачевски, сигурно не на народот. Како ли Ковачевски ќе бара одговорност од министерот за ватрешни работи, обележан со 33 огромни скандали, баш во истото министерство, од набавка на Шкоди до убиството во Ѓорче Петров, мафијашката ликвидација на Рузвелтова, Рекет, Мафија? Или како ќе бара одговорност од новиот министер за земјоделие кој беше министер за антикорупција, во чие време корупцијата се искачи на 111 место на Транспаренси Интернешнл? Екс министерот за правда кој треба да биде нов вицепремиер за евроинтеграции јавно прозиваше судии за нивни одлуки, објавуваше судски пресуди, не спроведе реформи, истакна Мизрахи.

Таа посочи дека одговорност нема да има е доказ и самата програма на Ковачевски, каде зборот одговорност и речиси да не се споменува.

– Ќе се видиме брзо за избори, затоа што во оваа држава има луѓе кои знаат да решаваат проблеми, тоа граѓаните го кажаа на последните локални избори. Време е за предвремени парламентарни избори за спас на државата, рече Мизрахи.