Намалување на бројот на министерства заради потребите на младите и формирање на Министерство за млади, институција што ќе биде сојузник и ќе ги спроведува младинските политики побара Марко Михаилоски, претседателот на Социјалдемократската младина на Македонија на трибината Младина Иднина Европа.

„Дајте ни шанса да седнеме на иста маса и заедно со вас да ја обликуваме иднината. Рамо до рамо да бараме решенија за сите предизвици со кои се соочуваме. Во реформските процеси и исполнувањето на стратешките цели, сите треба заеднички да делуваме. Треба да бидеме гласни, храбри и сплотени. Да покажеме што сакаме и што бараме. Да се избориме за подобри услови кои утре, нема да ни дозволат да бараме решение надвор од границите на оваа земја со огромен потенцијал. Затоа што влогот во себе е влог во иднината на нашата земја. “ изјави Марко Михаилоски, претседател на СДММ.

Михаилоски потенцираше дека СДСМ во носењето на сите одлуки без оглед дали се партиски или државни го веруфикуваат и го вклучуваат ставот и гласот на младите.

„СДСМ е единствената партија која не ја обесхрабрува или омаловажува својата младина во однос на постарите. Жива е врската меѓу младите луѓе и огромна е желбата да создадеме држава онаква каква што ние сакаме да имаме. Затоа што клучот за Европа и европските вредности и вчера и денес е во рацете на младите луѓе и таму и ќе остане. Во оваа младина, лежи надежта, оваа младина ќе ја предводи победата, оваа младина ја крои иднината.“ изјави Марко Михаилоски, претседател на СДММ.

Зајакнување на студентскиот стандард, петиција за земјите од Западен Балкан да бидат дел од семејството на Европската Унија, континуирана едукација на младите лидери преку Политички академии, кампови, семинари и обуки се дел од активностите кои Михаилоски детално ги претстави во отчетот за сработеното на СДММ,се наведува во партиското соопштение.