Од Непал до Индонезија, од Шри Ланка до Бангладеш, младите покажуваат бес. Минатата недела, генерацијата Z се крена во Непал, на протести против забраната на социјалните медиуми, па продолжи да го искажува незадоволството од високото ниво на корупција во земјата, за на крајот да издејствува смена на власта. Слично сценарио кон крајот на минатиот месец имаше и во Индонезија. Лани, жестоко реагираше генерацијата Z и во Бангладеш, а пред две години и во Шри Ланка
Генерацијата Z се исправа против неправдата и нееднаквоста во Азија. Од Непал до Индонезија, од Шри Ланка до Бангладеш, младите покажуваат бес. Познати како генерација Z, ген Z или зумери, младите родени во периодот од 1997 до 2012 година, за кои истражувањата покажаа дека не знаат да сменат светилка, да испржат јајца или да испечат кокошка, сега рушат влади.
Оваа генерација млади, која често ја нарекуваат и дигитален домородец, зашто порасна со Интернетот и со дигиталните технологии како составен дел на секојдневието, минатата недела се крена во Непал, на протести против забраната на социјалните медиуми, па продолжи да го искажува незадоволството од високото ниво на корупција во земјата, за на крајот да издејствува смена на власта. Младите Непалци се презаситени. Блокирањето на апликациите беше непосреден катализатор за нивните фрустрации, уште еден потсетник за живеењето под влада што е надвор од контактот со нивните грижи. Социјалните платформи се критични алатки во земја каде што приближно еден од четворица живее под националната линија на сиромаштија. Тие се начин да се примаат дознаки и да се остане во контакт со пријателите и со најблиските, пишува „Д Јапан тајмс“. Со протести, кои беа прилично насилни, генерацијата Z го избра новиот лидер на преодната Влада, поранешната претседателка на Врховниот суд, Суашила Карки, позната по својот интегритет. Таа веднаш го распушти Парламентот и распиша нови избори за во март. Како потенцијален лидер во земјата сега се споменува градоначалникот на Катманду, Балендра Шах, 35-годишен инженер и рапер. Ги импресионира гласачите со својата кампања за чистење на водните патишта во градот, додека неговите песни го поставија прашањето за корупцијата и за нееднаквоста во хималајската нација. Во деновите на немири во Непал, најмалку 19 лица беа убиени, а стотици беа повредени.
Слични сцени имаше и во Индонезија. Кон крајот на август, генерацијата Z го покажа бесот откако пратениците добија надоместоци речиси 10 пати поголеми од месечната минимална плата, во услови кога обичните граѓани се борат за егзистенција. Демонстрантите ограбија домови на пратеници, запалија автомобили и оштетуваа владини згради во едно од најлошите насилства во последниве децении. Под зголемен притисок, претседателот Прабово Субијанто ги повлече привилегиите за пратениците и деновиве беше сменета многу почитуваната министерка за финансии, Шри Мулјани Индравати. Се шпекулира дека таа била жртвувана за да се смири јавниот гнев.
Иако катализаторот беше различен, сценариото на протестите и во Непал и во Индонезија беше речиси исто. А, заедничко е и тоа што двете нации се млади: околу половина од вкупното население на Индонезија е помладо од 30 години, додека во Непал под таа возраст се околу 56 проценти од жителите.
Лани, жестоко реагираше генерацијата Z и во Бангладеш. Во востание предводено од студентите, беше симната и спречена да избега најдолговечната автократска премиерка во земјата, Шеик Хасина. Во насилствата загинаа стотици, многу повеќе беа повредени, но епилогот беше формирање привремена Влада предводена од привремениот лидер и добитник на Нобеловата награда за мир, Мухамед Јунус. Тој вети дека ќе го врати редот и ќе ги освежи демократските институции, охрабрувајќи ги младите луѓе да се вклучат. Изборите се очекуваат на почетокот од 2026 година, но дали ќе се трансформира Бангладеш во функционална демократија ќе зависи од тоа колку ќе бидат веродостојни тие, наведува „Јапан тајмас“.
Поучна приказна за генерацијата Z има и од Шри Ланка, каде што во 2022 година, протесното движење познато како Арагалија, предводено во голема мера од млади, го принуди претседателот Готабаја Раџапакса да поднесе оставка. Неговото некомпетентно речиси тригодишно владеење заврши со тоа што влезе нацијата во економски колапс и не успеа да ги исплати своите долгови. Кризата со девизните резерви на Владата значеше дека таа не може да плати за увоз на гориво, што доведе до долги редици за бензин и до дневни 13-часовни прекини на струја.
Протестите мора да се развиваат надвор од улиците и на места каде што почива моќта и се носат политики, анализира „Јапан тајмс“. Барањата треба да се фокусираат не само на соборување на корумпираните политичари или на палење на владините згради туку и на реформирање на судовите, изборните комисии и на создавање независни чувари. Но, движењата што се вкоренети исклучиво кај студентите или кај младите ризикуваат да исчезнат откако ќе исчезне гневот. Градењето одржливи политички партии или коалиции што може кредибилно да се натпреваруваат на изборите е од суштинско значење.
Преземено од Вечер