„Земајќи ја предвид геополитичката позиција на транспортните коридори 8 и 10, Република Северна Македонија ги презема сите неопходни активности за нивна доизградба и модернизација.
Во делот на патната инфраструктура оваа година се завршува изградбата на експресниот пат од Куманово до Крива Паланка и преку завршената рехабилитација на патниот правец од Крива Паланка до границата со Република Бугарија, што претставува вкупна инвестиција од 105 милиони евра, со што ќе се создаде ново модерно патно решение, кое значително ќе влијае врз размената на добра и услуги, како и на зголемување на економската соработка меѓу двете земји.
Воедно, потсетуваме дека претходно целосно ја рехабилитиравме автопатската делница Скопје – Куманово и со овие инвестиции го намаливме времетратењето на патување на релација Скопје – Софија на помалку од 2 часа и 30 минути.
Во однос на железничкиот Коридор 8, Република Северна Македонија е свесна за геостратешкото значење на овој патен коридор и како земја реализира бројни активности за регионално поврзување и завршување на оската Запад-Исток.
Во тој контекст, нагласуваме дека во фаза на реализација е изградбата на пругата од Куманово до Бељаковце, што претставува инвестиција од 40 милиони евра. Воедно, истакнуваме дека во фаза на реализација е и изградбата на пругата од Бељаковце до Крива Паланка, што е инвестиција вредна 155 милиони евра. Дополнително, во фаза сме на тендерска постапка за избор на Изведувач за изградба на последната делница од Крива Паланка до граничен премин Деве Баир, пруга која завршува во претпоставен тунел.
Исто така, Република Северна Македонија ги презема и исполни сите обврски од Билатералниот договор од 1993 година за изградба на граничниот премин Берово – Клепало, како и инфраструктурата до граничниот премин.
Имајќи го предвид горенаведеното, уште еднаш нагласуваме дека Република Северна Македонија ги презема сите неопходни активности за изградба на повеќе крупни регионално – инфраструктурни проекти кои се од споделено стратешко значење за земјава, регионот и Европската унија.
Во таа смисла истакнуваме, дека со цел успешна реализација на ваквите проекти, особено значајно е да постои целосна подготвеност за соработка и од страна на Република Бугарија. Во оваа прилика, искрено очекуваме Република Бугарија да ги преземе сите неопходни активности во насока на унапредување на инфраструктурата на Коридор 8, како и да ги исполни обврските кои произлегуваат од Билатералниот договор од 1993 година за изградба на граничниот премин Берово – Клепало.
Изградбата на патната и железничката инфраструтруктура во регионални рамки ќе биде успешно реализирана само ако сите земји долж Коридорот 8 континуирано преземаат заеднички активности за нивен развој и модернизација. Тоа е наша долготрајна заложба на која посветено работиме и очекуваме еднаков степен на соработка и конструктивност и од останатите инволвирани страни во овој процес“, велат од МНР.