На прашање дали и по ваквата изјава смета дека португалскиот предлог за решавање на спорот со Бугарија е сè уште добар, премиерот вели дека во него Португалија не зазема страни и потсетува дека тој содржи изјави и на двете страни кои даваат свои толкувања за спорните прашања.
– Португалскиот предлог е јасен и е добра основа за двете страни за решение. Португалскиот предлог нуди решение, но не зазема страни внатре. Во самиот португалски предлог во преговарачката рамка е решено преводот на европското законодавство да биде на македонски јазик. Секако, и двете страни имаат изјави, каде што веројатно министерката направила толкување за бугарски медиум или слично, што ќе биде проверено преку стручните служби во МНР за автентичноста на тоа што е кажано, и МНР соодветно ќе реагира во јавноста, изјави Заев.
Португалската министерка во разговор со новинари во Лисабон, како што пренесе Бугарското национално радио (БНР), посочила дека дебатата помеѓу двете земји е тешка и истакнала дека ова е многу тешка дебата, особено за Бугарија.
– Таа е поврзана со историјата, културниот идентитет на двете земји, како и со идната соработка. Во моментов тие работат на нешто што се нарекува патоказ, што ќе им помогне да соработуваат и Бугарија ќе добие гаранции дека кога Северна Македонија ќе влезе во ЕУ работите ќе се одвиваат непречено. Северна Македонија помина низ тешки преговори со Грција – сетете се дека земјата си го смени името. Но, тоа е многу тешко, бидејќи е исто така поврзано со Бугарија како култура и јазик. Очигледно е поврзано со јазикот на Северна Македонија, кој некогаш бил дел од бугарскиот јазик и културните димензии на обете земји. Во Бугарија ќе има нови избори на 11 јули и мислам дека бугарските власти ги чекаат резултатите пред да одлучат како да постапат, рекла Закаријаш, пренесе БНР.