Оттаму посочуваат дека има само информации за Македонци кога патуваат надвор, но и тие информации се стари, од ноември, а сега е јули. И Министерството за здравство, иако најодговорно за овие податоци, нема сајт на англиски јазик во однос на условите за влез во државата. Има само една веб страница „коронавирус” на која информациите се од 20 мај 2020 година
Според Здружението, амбасадите имаат повеќе информации за влез во државава од нашите институции, што е недозволиво.
Во меѓувреме, како што беше речено на прес-конференција, земјава ги губи не само туристите, туки и позициите како туристичка дестинација. Нема чартери, нема автобуси во доволен број, ниту доволно организирани патувања кон Македонија. Слабеат позициите на државава кај традиционалните пазари, додека на регионалниот не се зајакнуваат, а уште потешко може да се размислува за нови пазари. Ова создава впечаток дека туризмот не е препознаен како сектор во економската политика на државата.
Потпретседателите на Здружението, Александар Кузманоски и Асим Меџедовиќ, истакнаа дека дипломатијата потрфли во овој сегмент. И тоа што моментно има малку туристи во земјава, главно од Полска, не е заслуга на државата, туку на бизнис секторот, на иницијативата на туристичките работници и на ризикот што тие целосно го презеле на свој грб.
За подобрување на состојбата, освен силна промоција посебно во регионот, Здружението предлага и поддршка на авиосообраќајот, како и бесплатен паркинг за сите странски возила и авотбуси – мерка која би траела најмалку до стаблизирање на туристичкит сектор.
– Ние континуирано и укажуваме на државата дека не си ја врши работата. Ве упатувам на страниицата на МНР. Нема, не постои информација на англсики јазик, нема инфо за условите за влез во државата на англиски. Како ние да им објасниме на гостите, а не се работи само за туристи, туку и за бизнис. Државата има обврска да пласира квалитетни информации за тоа што се случува, мора редовно да ги апдејтира податоците за ние готови да ги преземеме и да ја промовираме, истакна Кузманоски.
Тој дополни дека интерес за земјава има, но недостасуваат информации за проток, за влез и излез.
– Мора да се комуницира со тур-операторите од другите сржави за да добијат сигурност дека сме подготвени како дестинација да ги пречекаме турситите од аспект на безбедност. Ние, како бизнис, многу брзо се престроивме, но не и државата, истакна Кузманоски.
Меџедовиќ соопшти дека чартерите од Холандија се се уште неизвесни, а има и најави дека ќе бидат комплетно откажани.
– Имаше информации дека ќе доаѓаат туристи од Бенелукс и Холандија, како и од Турција, но со оглед дека бевме подолго време во црвена зона и не направиме промоција и директна дипломатска офанзива да се контактираат тие тур-оператори, задоцнивме и се уште доцниме. Од Полска турстите кои се дојдени, пак, се на иницијатива на приватниот сектор. Направени се индивидуални напори и тоа е всушност заслуга на тур-операторот кој сам го презема целосниот ризик, напомена Меџедовиќ.
Одговорајќи на новинарски прашања, Меџедовиќ рече дека цените на аранжманите за странство годинава се пониски во однос на 2019-та. Авиобилетите на дестинациите на кои работат македонските туристички агенции се поевтини, а истото важи и за хотелското сместување. И за домашните капацитети цените се пониски.
– Пакет аранжманот е многу поевтин во однос на 2019-та, но има дестинации со поголеми рестрикции, западноевропски, кои од нивна причина имаат повисоки цени. На традиционалните дестинации како Грција, Турција, Египет, цените се пониски. Дома цените се исто така пониски, со исклучок можеби на хотелите кои работат со минимален капацитет. Но, тие што работат со целосен капацитет се поевтини, објасни Меџедовиќ.
Тој оцени дека кај нашите туристи има интерес за патување надвор, особено по вакцинирањето и обезбедувањето на неопходните предуслови за одмор од страна на секоја држава.
Изнесувајќи ги актуелните состојби, Даниела Василевска од Стопанската комора нагласи дека за добра туристичка сезона, таргет мора да биде организираното туристичко патување. Потребна е и обемна медиумска кампања за поттикнување на домашниот туризам, како и зајакната промоција во европските држави кои се наши традиционални пазари.
Владата, рече Ваислевска, има слух за предлозите, идеите и иницијативите на туристичките работници, досега е разговарано со владини претставници, но нема примена, а уште помалку реализација.
– Ургентна потребата од итна подршка и агресивна промоција, посебно во регионот, за да се спаси барем дел од годинашната сезона и да се овозможи поповолна позиција во 2022-ра. Во периодот што следи, од клучно значење ќе биде и зајакнувањето на односите со поголемите странски тур-оператори со кои се негува традиционална соработка преку директна комуникација на сите нивоа. Истото се однесува и на односите со авионските компании кои оперираат кон и од Северна Македонија. Бизнисот таквиот вид поддршка не ја гледа или пак немаме информации дека се случува, подвлече Василевска.
Здружението смета дека вауечерите за социјалните категории граѓани се добра мерка која ќе има некаков бенефит, но нема да биде доволна да го поддржи туризмот во обликот како лани.