Министерството за надворешни работи (МНР) утрово повторно ги демантираше обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека шефот на дипломатијата го прекршил Законот за употреба на јазиците за време на прес-конференцијата со шпанскиот колега Хосе Мануел Албарез Буено во петокот.

-Како поука за понатаму, за партија која е фатена на дело како лаже, оставаме уште 24 часа да се извини и кон Министерството и пред сѐ кон јавноста која беше вознемирена за време на празници. Со тоа, станува очигледно дека обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ преставуваат свесен обид за внесување меѓуетнички тензии и раздор во општеството, што може да се потврди и од вордингот и тајмингот на самата манипулација пласирана од ВМРО-ДПМНЕ, велат од МНР.

Од Министерството за надворешни работи оценуваат дека тоа што обидот за манипулација на јавноста бил направен за време на празници, претставува доплнителна навреда кон граѓаните на земјава, и затоа очекуваат извинување од опозициската партија.

ВМРО-ДПМНЕ и МНР разменија забелешки во врска со тврдењата на опозициската партија дека на прес-конференцијата по средбата на Османи со неговиот шпански колега Хозе Мануел Албарез Буено, кој беше во посета на земјата пред Велигден, министерот зборувал само на албански јазик.

Опозициската партија вчера го повика Османи да поднесе оставка, а од надлежните институции побараа кривична одговорност „затоа што го нарушил угледот на државата“.

-Од официјалната средба на Османи со министерот за надворешни работи на Шпанија, на прес-конференцијата, јасно е дека Османи користи само албански јазик, иако е јасно кој е официјален јазик на Македонија за меѓународна употреба, утврден според Уставот. Ваквото однесување е кршење на Уставот на државата, но и на Рамковниот договор, рече портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

МНР одговори дека „за време на велигденските празници ВМРО-ДПМНЕ со лаги создава етничка тензија и поделеност во општеството“ и како доказ испрати клип од прес-конференцијата со Буено.