МНР преку соопштение се огласи за инцидентот во кој македонски државјанин беше убиен, а неговиот пријател ранет, пренесува А1on.mk.
„По информацијата за убиството во Халкидики Грција, Амбасадата на Република Северна Македонија во Атина стапила во контакт со надлежните институции, односно полицијата во Солун, и од таму е добиена потврда дека во Сани Вилас, Ханиоти двајца маскирани лица отвориле оган врз двајца државјани на Северна Македонија. Двајцата биле однесени во општата болница на Халкидики, каде едниот им подлегнал на повредите, додека другиот поради тежината на повредите е транспортиран во друга болница, во Полигирос. Според информациите на Aмбасадатa, на местото на настанот моментално се наоѓаат повеќе тимови на грчката полиција и работат на расчистување на околностите на настанот“, велат од министерството за надворешни работи.
Грчката телевизија АНТ 1 повикувајќи се на полициски извори за убиството на македонскиот државјанин Орхан Бајрами викан Оки кој ноќеска е убиен во Сани Вилас, а неговиот пријател Сеад Слезовиќ е тешко повреден во инцидентот требало да се одјават денеска на пладне од апартманот, а според грчките истражителите двајцата убијци тоа го знаеле.
АНТ 1 објави дека на бројот 112 за итни интервенции анонимно лице пријавило пукање во Сани Вилас. Кога полициската патрола стигнала убијците биле избегани, а на лице место се најдени докази дека се испукани дваесетина куршуми.
Сани Вилас е ексклузивно место за престој во Грција каде за апартман дневно се плаќа по 600 евра.
Медиумите шпекулираат дека Бајрами е убиен во мафијашка пресметка.
Засега се знае дека двајца маскирани напаѓачи со мотор рано утрово околу 3.30 стигнале до изнајмениот апартман и пукале во Бајрами и Слезовиќ.
Од македонската полиција пак неофицијално велат дека Бајрами бил еден од водачите на кланот Дуќанџик. Во март годинава во Скопје беше убиен Јетон Кривањева – Жила, пријател на сега убиениот Бајрами. Жила и Оки, велат соговорниците од полицијата, биле водачи на бандата „Дуќанџик“.
Оваа банда имаше низа инциденти со ривалите од кланот Беланоца.