Апел по ескалацијата на нападите во регионот и зголемените безбедносни ризици
Македонските државјани да не патуваат без неопходна потреба во земјите од поширокиот регион на Блискиот Исток. Ова го соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, по последните напади поврзани со Иран, насочени кон Израел и повеќе арапски држави. Меѓу нив се Обединетите Арапски Емирати, Катар, Кувајт, Бахреин, Саудиска Арабија, Либан и Ирак. Таргетирана била и британската воена база на територијата на Република Кипар.
Од Министерството нагласуваат дека случувањата имаат сериозни импликации.
„Недвосмислено ги осудуваме сите напади врз нашите пријатели и партнери. Повредата на суверенитетот и таргетирањето цивилни цели се неприфатливи и се во директна спротивност со основните принципи на меѓународното право. Мирот, безбедноста и стабилноста на Блискиот Исток не се апстрактни категории, туку суштински предуслови за глобалната стабилност“, соопшти денеска Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Во тек се подготовки за евентуална евакуација
Институциите внимателно ја следат состојбата на терен. Посочуваат дека развојот на настаните директно влијае врз регионалната и меѓународната безбедност.
Во информацијата се наведува:
„Приоритет на Владата останува безбедноста и поддршката на македонските државјани кои по различни основи се наоѓаат во овој регион. Во текот на изминатиот период, надлежните дипломатско-конзуларни претставништва се во континуирана комуникација со нив“.
Министерството додава дека, во координација со дипломатско-конзуларните претставништва, се разгледуваат повеќе можни сценарија за репатријација и евакуација. Тие ќе бидат активирани кога условите на терен ќе го дозволат тоа или по повторното воспоставување на воздушниот сообраќај.
