Исплатите се навремени, но дијалогот со синдикатот продолжува
Министерството за одбрана се огласи по денешната прес-конференција на Независниот синдикат на одбраната, кој побара зголемување на бодот за пресметка на основната плата за 20%, ревизија на бодовниот систем на квартално ниво и решавање на статусот на професионалните војници до остварување право на пензија. Од МО истакнуваат дека во континуитет работат со Генералштабот на подобрување на стандардот и условите за работа на сите припадници на Армијата и вработените во министерството.
Навремени исплати и додатоци
Министерството нагласува дека за првпат навремено се исплаќаат сите надоместоци согласно Колективниот договор, кои вклучуваат надоместоци за закупнина, храна, превоз, како и додатоци за прекувремени часови, ноќна работа и дежурства. Просечната основна плата на професионален војник изнесува околу 35.700 денари, додека на полковник изнесува околу 70.200 денари. Со додатоците, месечните примања се значително повисоки од основната плата.
Минатата 2025 година беа исплатени 107 милиони денари (околу 1,8 милиони евра) за заостанати финансиски средства од 2019, 2020 и 2021 година за прекувремена работа. Паралелно започнала редовна исплата на сите обврски на месечно ниво.

Регулирање на статусот на професионалните војници
Согласно Законот за служба во Армијата, припадниците кои ќе наполнат 45 години можат да изберат отпремнина од две просечни плати по измината година или да продолжат да работат како цивил во Армијата или други државни институции до исполнување на условите за пензија. Министерството и Генералштабот разгледуваат можности за измени кои ќе овозможат задржување на дел од професионалните војници во специфични служби.
Министерството истакнува дека секое барање од синдикатот ќе се разгледува низ дијалог, а целта е да се најде најдобро можно решение за припадниците на Армијата.
