Нова заштитна ограда околу депонијата „Дрисла“ – 4.800 метри ограда со двојна бодликава жица
Околу скопската депонија „Дрисла“, која во септември гореше речиси една недела, ќе се постави нова заштитна ограда висока 1,5 метар и долга 4.800 метри. Овој потег следи по барањето на жителите на селото Батинци, кои се пожалија дека кучиња влегуваат во депонијата и го разнесуваат сметот во околината.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, при денешната посета на ЈП „Дрисла“, истакна дека за проектот се издвоени 9 милиони денари од министерството. Новата ограда ќе биде составена од 1.500 метални столбови поставени на бетонски темели, со што ќе се спречи неовластен влез и ќе се намали ризикот од загадување.
Проект за уредување и контрола на депонијата
Меџити, заедно со претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека од првиот ден на функцијата се соочил со предизвикот на лошото управување со „Дрисла“. Тој потенцираше дека со поставувањето на оградата започнува нова фаза на уредување и контрола на депонијата.
„Оваа депонија со години претставува извор на загадување и здравствени проблеми за граѓаните. По средбите со жителите на Батинце ветив дека ќе преземеме конкретни мерки, и денес тие веќе се реализираат,“ истакна министерот.
Модернизација и долгорочна заштита на околината
Според Меџити, проектот ќе придонесе за зајакнување на физичката заштита на просторот и ќе овозможи одржливи решенија за заштита на здравјето на граѓаните и животната средина.
„Дрисла има стратешко значење за целиот скопски регион. Во координација со Град Скопје и надлежните институции ќе продолжиме со инвестиции за нејзина модернизација и трансформација во современ центар за рециклирање на отпадот,“ додаде тој.
Инаку, пожарот на депонијата на 9 септември годинава предизвика сериозно загадување на воздухот и реакции од јавноста. Експертите објаснија дека вакви инциденти се резултат на нестручно управување и дека со соодветна дренажа и покривање на отпадот може целосно да се спречи самозапалување.