Со средба со германскиот канцелар Олаф Шолц, индискиот премиер Наренда Моди денеска ја почнува европската турнеја во која ќе ја посети Франција и ќе учествува на нордиско-индискиот самит во Данска.
Во Берлин ќе се разговара за трговски и деловни проекти, а руската инвазија на Украина најверојатно ќе биде тешка тема бидејќи Њу Делхи одбива да ја осуди Москва и да се приклучи на санкциите против Русија.
Моди и Шолц, исто така, треба да се сретнат со деловните лидери додека се обидуваат да постигнат напредок во трговскиот договор меѓу ЕУ и Индија.
Германија е најважниот трговски партнер на Индија во ЕУ и шести најважен трговски партнер во светот, соопшти германското Министерство за надворешни работи.
Индо-германската средба е шеста од ваков вид, а последната се одржа во Индија во ноември 2019 година. Моди ќе биде во Данска и Франција во вторник и среда.
Моди ќе учествува на вториот индо-нордиски самит во Копенхаген, на кој ќе учествуваат Исланд, Норвешка, Данска, Шведска и Финска.