Одбраната на Влатко Кешишев бара ослободување од обвинението за убиство
На денешното рочиште за убиството на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска, адвокатот Игор Ефремов, бранител на обвинетиот Влатко Кешишев, побара ослободителна пресуда за својот клиент во делот од обвинението што го товари за соизвршителство. Во својот завршен збор, Ефремов посочи дека Обвинителството не успеало да обезбеди доволно силни докази кои директно го поврзуваат Кешишев со самите убиства.
– „Во целата постапка не беше изнесен ниту еден цврст доказ дека Кешишев делувал како соизвршител. Напротив – и исказите на сведоците и признанијата на другите обвинети говорат дека тој немал умисла, ниту активно учествувал во извршувањето на убиствата“, рече Ефремов.
Адвокатот ја нагласи потчинетата улога на Кешишев во однос на Љупчо Палевски, за кого рече дека „управувал со целото окружување, вклучително и со Влатко“. Тој тврдеше дека улогата на неговиот клиент била ограничена на помош при грабнувањето, но без каква било свесност за убиствата што следеле.
– „Ако соизвршител е оној без чии дејствија делото не би било сторено – прашањето е: Кои се тие клучни дејствија на Влатко Кешишев?“, истакна Ефремов, повикувајќи се на правното начело на индивидуализација на вината.
Кешишев – сведок, не убиец?
Ефремов го посочи фактот дека токму Кешишев, по неговото апсење, доброволно ги водел истражителите до местото каде што биле закопани телата на жртвите.
– „Да не беше неговата совест и каење – телата немаше да се најдат. Тој им помогна на органите на прогонот. Тоа не го прави убиец – туку сведок и жртва на туѓа контрола“, рече адвокатот.
Во своето завршно излагање, Ефремов побара од Судот Кешишев да биде одговорен само за учество во киднапирање, но да биде ослободен од обвинението за убиство и соизвршителство.