Мицкоски најави инфраструктурна револуција и реформи во клучни сектори

Премиерот Христијан Мицкоски објави дека новиот стратешки договор со Обединетото Кралство ќе отвори врата за инвестиции во износ од 6 милијарди евра. Инвестицискиот циклус, според него, ќе опфати развој на инфраструктурата, модернизација на железничкиот систем, подобрување на здравствените капацитети и интензивирање на билатералната соработка во областа на одбраната, образованието и економијата.

Брза патничка и карго железница од Табановце до Гевгелија

Клучен дел од инвестициите ќе биде изградбата на современа карго и брза патничка железница долж коридорот Табановце–Гевгелија. Проектот е дел од поширока визија за подобра поврзаност, регионален развој и економски напредок, кој ќе овозможи поефикасен транспорт и зголемен извоз.

Милиони евра за здравството – нови и реконструирани болници

Мицкоски најави дека значаен дел од средствата ќе биде наменет за здравствениот сектор. Ќе се заврши изградбата на болницата во Штип, заедно со студентскиот дом, ќе се изгради нова болница во Кичево, а ќе се реконструира и постојната болница во Тетово. Овие вложувања имаат за цел да го подобрат пристапот до квалитетна здравствена заштита низ целата држава.

Подлабока интеграција во НАТО и безбедносен напредок

Во рамките на договорот, се предвидува модернизација на вооружените сили и усогласување со НАТО стандардите. Ќе се засили безбедноста на границите и ќе се зголеми борбата против шверцот. Дополнително, се планира и проширување на соработката во областа на културата и образованието.

Финансискиот механизам сè уште се дефинира

Премиерот објасни дека деталите околу финансирањето на инвестициите се во завршна фаза. Како репер за договорот се разгледуваат условите за грејс период и должина на отплата, но нагласи дека е постигнат значителен напредок и дека финализацијата е блиску.

На прес конференцијата присуствуваше и британскиот амбасадор во земјава Метју Лосон, како и останати министри од Владата. Лосон категорично ја демантираше информација дека ќе се градат  мигрантски кампови. Кажа дека тоа се само шпекулации од одредени медиуми.