Унгарската компанија МОЛ и руски „Гаспром“ се согласија за основните одредби од идниот договор за купопродажба на Нафтената индустрија на Србија (НИС), со кој Србија ќе го зголеми својот сопственички удел, изјави министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, јави Танјуг.

Продажба на НИС

Според неа, договорот ќе биде испратен до Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC) на Министерството за финансии на САД за конечна одлука.

Белградските медиуми објавија дека рускиот сопственички удел во НИС од 56,15 проценти е продаден на унгарскиот МОЛ, дека дел од сопственоста ќе оди кај партнери од Обединетите Арапски Емирати, а Србија исто така ќе го зголеми својот удел.

„Исто така е важно што Србија успеа во овие преговори да ја подобри својата позиција, во споредба со 2008 година кога останавме под 30 проценти сопственост, а тоа е да го зголемиме нашето сопствеништво во Нафтената индустрија на Србија за пет проценти во иднина и да го достигнеме бројот на акции што ќе ни овозможи да имаме поголеми права на донесување одлуки во Собранието на акционери, а пред сè да ги заштитиме интересите на нашите граѓани“, изјави Ѓедовиќ Хандановиќ.

Таа додаде дека, кога станува збор за партнери од Обединетите Арапски Емирати, се очекува и тие да бидат дел од идниот договор за продажба.

Во меѓувреме, транспортот на сурова нафта до Рафинеријата во Панчево започнал во вторник преку Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ).

Компанијата НИС на 9 јануари соопшти дека склучила договор за увоз на првите количини сурова нафта преку ЈАНАФ за потребите на рафинеријата во Панчево, со што ќе се овозможи продолжување на производството.

Производствените капацитети во Рафинеријата за нафта Панчево беа запрени на почетокот на декември минатата година поради недостиг на сурова нафта за преработка, што беше последица на санкциите воведени од Министерството за финансии на САД кон компанијата НИС.

На 31 декември 2025 година, OFAC издаде посебна лиценца со која на НИС ѝ беше дозволено повторно да извршува оперативни активности до 23 јануари оваа година.

Американската Канцеларија за контрола на странски средства воведе санкции врз НИС на 9 октомври поради нејзиното мнозинско руско сопствеништво.

Продажба на НИС