БИТОЛА – Момче од Битола на возраст од 24 години вчера доцна попладнето починало во Битолската клиничка болница, откако било примено со многу висока температура и трески. На почеток било згрижено на одделот за Интензивна нега, и биле консултирани конзилијарно и лекари од други одделенија, но од час во час состојбата се влошувала, па по речиси десет часа од хоспитализацијата починало.
Официјално, директорката на Битолската клиничка болница, д-р Елизабета Ивановска за „Независен“ потврдува дека момчето претходниот ден, во вторникот, било лекарски третирано и му била дадена терапија и било пуштено дома, но ноќта меѓу вторникот и средата повторно имало висока температура и влошување на состојбата, што било причина да се врати на болница и да се хоспитализира. За жал, имало лошо наоди на направените лабораториските анализи.
„Момчето е примено во болницата вчера утро, претходно било високо фебрилно дома седум дена, не било лекувано, не се јавило на лекар. Претходниот ден дошло на Инфективно, земени се брисеви, лабораторија и пуштено дома со терапија. Но, ноќта повторно било високо фебрилно и вчера сабајле доаѓа на Интерно, контактибилно, но имаше многу лоши наоди од лабораторија. Го зедоа во службата за анестезија, бидејќи имаше целосен дисбаланс во организмот. Таму беше до 18 часот, но состојбата се влошуваше од час во час. Комплетно беше третирано со направени анализи на компјутер, глава, абдомен, торакс, повикани конзилијарно лекари од други одделенија на болницата. Го прегледаа доктори од Неврологија, Инфектологија, ОРЛ, Хирургија, Очно и други одделенија. За случајот повикавме да се направи обдукција, за и ние како лекари да знаеме која беше причината за смртта“, изјави д-р Ивановска за „Независен“.
За случајот информираше и Министерството за внатрешни работи (МВР):
„На 27.09.2023 во СВР Битола било пријавено дека во Клиничка болница Битола починал С.Т.(24) од с.Цапари, битолско, кој во утринските часови поради здравствени проблеми бил донесен од страна на родителите. По наредба на Јавен обвинител телото е предадено за обдукција“, наведено е во полицискиот билтен.
Битолската јавност сѐ уште е потресена од смртта на 5 годишната Јана Христовска која почина на Детско неколку часа по примањето на гликоза, како и околностите околу породувањето на Викторија Крстевска, кога новороденчето почина по два часа. И двата случаи завршија пред обвинителството во Битола. За смртта на Јана не беше потврдена лекарска грешка, а за новороденчето сѐ уште нема конечно изјаснување од ОЈО. (А.Б.
Извор: Nezavisen.mk.