Синоќа 14-годишно момче загина во францускиот град Монпеље за време на големите нереди меѓу навивачите на Мароко и Франција по мечот на Светското првенство во кој Французите победија со 2:0.

Како што пишува Дејли Мејл, момчето било дел од голема група марокански фанови. Во еден момент наишол автомобил на кој било истакнато француско знаме.

Неколку членови на групата тргнале кон автомобилот за да го скинат знамето, по што возачот наеднаш се свртел, а момчето завршило под тркалата на автомобилот. Се здобил со тешки повреди, брзо бил префрлен во болница, но не можел да се спаси.

Навивачите се судрија и во Париз и во Брисел, Белгија.

Околу стотина навивачи се приведени во Брисел поради нарушување на јавниот ред и мир, оштетување на две полициски возила и поседување забранети огномети. Делови од патиштата во центарот на градот беа опколени пред натпреварот. Сликите покажуваат купишта запалено ѓубре, како и голем број полицајци во опрема за немири на улиците.