Етапната реконструкција на сите 9 државни студентски домови ќе започне во втората половина на годинава. Во првата фаза која ќе се заокружи за 18 месеци од почетокот на градежните работи, целосно ќе се реконструираат студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски – Питу“. Економските оператори кои се одбрани во постапката за претквалификација, а согласно правилата на KFW развојната банка која заедно со Европската унија е финансиер на овој капитален проект, веќе доставуваат финансиски понуди и по избор на најекономичната ќе се склучи договор за изведба на работите.
За потсетување, Владата на Република Северна Македонија, односно Министерството за образование и наука склучи договор за обезбедување на средства во износ од 25 милиони евра за реконструкција на сите 9 државни студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид. 20 милиони се заем од KFW развојната банка, додека 5 милиони евра се грант преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан (REEP+) на Европската Унија. Реконструкцијата која подразбира замена на сите позиции во домовите – електрични и водоводни инсталации, фасади, топлотни системи, врати, прозорци, молерисување, опремување и така натаму, ќе се одвива во три фази.
Во втората фаза е предвидена реконструкција на студентските домови „Томе Стефановски-Сениќ“, „Никола Карев“-Охрид, „Браќа Миладиновци„-Штип, „Народен херој Орде Чопела“-Прилеп, кои е предвидено да бидат NZEB (Near zero energy building), а во третата фаза реконструкција на мензата на студентскиот дом „Гоце Делчев“ и на студентските домови „Кочо Рацин„ – Битола и „Пелагонија“. Почетокот на градежните работи е предвиден во првата половина на 2024 година.