Современ модел со изборни предмети и продлабочено изучување
Министерството за образование и наука (МОН) денеска ја претстави новата концепција за гимназиско образование, создадена по обемна анализа и вградување на коментарите од минатогодишната јавна расправа. Целта е гимназиите да станат пофлексибилни и да им овозможат на учениците да развиваат знаења и вештини во согласност со современите образовни стандарди.
Предложениот модел го задржува општообразовниот карактер на гимназиите преку задолжителни предмети кои обезбедуваат солидна основа од природни и општествени науки, хуманистички дисциплини и уметности. Дополнително, се воведува структурирана изборност, која им овозможува на учениците да го обликуваат својот образовен профил според интересите, без да се форсира ран избор на специјализација.
Особено внимание е посветено на континуирано и продлабочено изучување на избрани предмети, со цел развој на аналитичко и критичко мислење, применливи знаења и клучни компетенции. Моделот е применлив во различни училишни контексти и усогласен со современите европски гимназиски практики, се наведува во објавата на МОН.
Јавна расправа за предлог-концепцијата
МОН и Бирото за развој на образованието ги повикуваат наставниците, стручните соработници, директорите, учениците, родителите и пошироката јавност да учествуваат во јавната расправа.
Предлози и сугестии можат да се достават по електронска пошта на javnarasprava@bro.gov.mk, најдоцна до 28 февруари 2025 година.
„Ги охрабруваме сите заинтересирани да дадат мислења и коментари, имајќи ја предвид целокупната функција на гимназиското образование како основа за понатамошно образование и активно учество во општеството, а не од перспектива на поединечни предметни или професионални интереси“, наведуваат од МОН.
