Како резултат на увидените грешки во учебникот по Историја и општество за петто одделение, целосно оправданите реакции на јавноста и согласно дописот од Здружението на историчари, Министерството за образование и наука и Педагошката служба информираат дека ќе се формира комисија која ќе ја преиспита целата содржина и ќе даде предлог за соодветни корекции.
Комисијата ќе има законски утврден рок од 10 дена за да достави извештај до министерот за образование и наука, а потоа конкретни насоки за постапување ќе бидат испратени до економскиот оператор задолжен за графичко уредување, превод, печатење и дистрибуција на учебникот.
МОН апелира до надлежните стручни тела и органи кои се дел од процесите на одобрување на учебници, да продолжат да работат на подобрување на содржината на учебниците кои се користат во основното и средното образование. Секако, во целиот процес и понатаму ќе биде вклучена јавноста, односно граѓаните кои имаат можност да доставуваат коментари, сугестии и забелешки за учебниците на електронската адреса books@mon.gov.mk.