По повод 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, таа, образовната асистентка на нејзиното дете и одделенската наставничка ги споделија своите лични искуства.
-Ја имам таа среќа овој концепт да се воведе на почетокот на образованието на моето дете, за да може веднаш да ги почувствуваме придобивките и од финансиски и од психолошки аспект. Финансиски затоа што образовните асистенти се вработени преку МОН и не се на терет на родителите, а од друга страна ја покриваат програмата и се она што треба да совладаат децата на начин којшто е најдобар за нив, вели Рикаловска.
Мајката вели дека асистентката има богато искуство и одличен пристап на работа со детето.
-Има способности, обуки, вештини, доколку има потреба да прилагоди тешко совладлив материјал. Така што сите деца ја имаат прифатено како дел од одделението. Важна е соработката и со учителката, којашто го води одделението и таа има значајна улога во остварувањето на релацијата со образовниот асистент, но и соработката со нас родителите и со останатите стручни служби во училиштето, вели Рикаловска.
За асистентката Борјанка Мариски вработувањето на стручни лица во редовниот образовен процес е огромен напредок за државата што и ја мотивирало да се пријави на
конкурсот бидејќи смета дека само вака сме чекор напред кон остварувањето на целта на секоја држава, а тоа е создавање образование по мерка на секое дете.
-Затоа ги поздравувам ваквите вработувања и се надевам дека ќе ги има се повеќе. Бидејќи се вработувања придонесуваат за секојдневната насмевка на децата со атипичен развој и само така полека чекориме кон тотална инклузија, вели Борјанка.
Соња Илиевска Гоџирова, одделенски наставник во ООУ “Гоце Делчев” во Скопје, објаснува дека веќе се навикнала на соработката со образовната асистентка.
-Ми помага многу во извршување на образовните задачи со дечињата, затоа што секогаш е тука покрај мене, ги насочува, им објаснува, така што дечињата се среќни и задоволни. Во однос на соучениците, во одделението иако дечињата се на мала возраст, отсекогаш и минатата учебна година и оваа учебна година беа добро прифатени од страна на другите соучениците кои научија дека треба да ги почитуваат различностите и инклузивноста во образованието, вели Илиевска Гоџирова.