Загрижува односот на политичката партија СДСМ, која денес организираше прес конференција за да изрази загриженост дека реконструкцијата на двата студентски дома во Скопје – „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Стив Наумов“ наместо во октомври, ќе заврши во декември годинава! Тоа е истата политичка партија која ја предводеше Владата во чие време се сменија дури четири министри за образование и ниту еден не успеа да ја започне реконструкцијата на студентските домови.

Овој процес започна минатата година и се интензивираше од страна на актуелното раководство на Министерството за образование и наука. Како што и во неколку наврати беше соопштено, двата посочени дома ќе бидат целосно обновени до крајот на календарската година и достапни за сместување студенти во вториот семестар од академската 2025-2026 година.

Во меѓувреме, буџетот за оваа крупна инфраструктурна активност е зголемен за 5,5 милиони евра. Обезбеден е неповратен грант од Европската унија за кој министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска пред неколку дена потпиша договор.

Младите да бидат спокојни. Лажните вести и политички конструкции не треба да ги демотивираат да продолжат да вложуваат во своето знаење, а Министерството за образование и наука ќе продолжи да ги поддржува и да го подобрува студентскиот стандард.

Потсетуваме дека во изминатата една година прифатени се десетина барања на студентските организации и здруженија. Овозможено е продолжување на продолжи бесплатниот превоз, со тоа што по три години откако претходната Влада не обезбедуваше пари, префрлени се 120 милиони денари на ЈСП Скопје. Проширен е опсегот на мерката субвенциониран студентски оброк и од април 2025 година повеќе работниот статус не е услов за студентите да го остварат правото, така што субвенциониран студентски оброк користат и редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од просечната нето минимална плата, но и постдипломците.

Олеснети се критериумите за искористување на стипендиите за студентите запишани на студиски програми за наставен кадар. За стипендиите за втор циклус на студии во државата, овозможено е да аплицираат студенти со завршени тригодишни додипломски студии, кои порано беа дискриминирани. Дигитализирани се постапките за остварување на правото на стипендија и повеќе не се доставуваат хартиени договори и решенија. Конечно, буџетот за студентски стандард годинава е поголем за 18% споредбено со ланскиот.

Наместо да молчат, оние кои ги иселија младите од Македонија деновиве се најгласни дека сакаат да направат нешто за нив. За 7 години бројот на ученици е намален за 17 илјади, а на студентите за 7 илјади, што е резултат на лоши политики не само во образованието, туку генерално политики поврзани со младите.