Министерството за образование и наука (МОН) информира дека во 2022 година биле одобрени над 100 учебници за средно стручно образование, кои ќе се печатат етапно.
-Набавката на целосно нови учебници со ажурирани податоци, без нелогичности, навредливи и дискриминаторски содржини и технички грешки, покрај во основното образование е значајна компонента и на реформата на средното стручно образование.
Информираме дека само во 2022 година, Педагошката служба одобри 100-тина учебници за средно стручно четиригодишно образование, за општо-образовни предмети и за Математичко-информатичката гимназија. А за голем број предмети, постапките за изработка и одобрување на учебници се во тек. Листата со одобрени учебници постојано ќе се надополнува и како што најави министерот, постапките за печатење етапно ќе се заокружуваат сè додека целиот процес за сите учебници не биде завршен.
Во буџетот на МОН секоја година се предвидуваат наменски средства за одобрување, односно набавка, печатење и дистрибуција на учебници за основно и средно образование. На почетокот на годинава приоритет се даде на учебниците во основното образование, а наскоро ќе започне и печатењето на учебници за средно стручно образование, кои се одобрени и за прв пат ќе ја најдат својата примена во наставата. Со тоа ќе се надмине предизвикот кој постоеше долги години наназад, по многу предмети во средното стручно образование кое е дефицитарно и во фокусот на политиките за развој и промоција, не постоеја никакви учебници.