Изработката е финансирана со средства од ИПА фондовите на Европската унија, а на промоцијата и примопредавањето на новото софтверско решение присуствуваше и министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, која изрази благодарност за поддршката од ЕУ и најави зајакнување на односите меѓу државата и европските образовни институции со цел забрзување на процесот на модернизација на националниот образовен систем.
„Очекувам новиот информациски систем да биде доста ефикасен, бидејќи ќе претставува единствен систем, односно база на податоци и ќе ги спои двата досегашни најголеми системи за административна работа на училиштата. Понатаму, ќе воспостави добри контролни механизми, зголемена употреба, подобрена интеграција и генерално користење на нова технологија со различни можности за анализа и обработка на податоци, кои ни требаат за носење квалитетни одлуки базирани на факти“, рече министерката Јаневска.
Таа особено се осврна на новиот електронски дневник, како најмногу користена алатка за водење на педагошка евиденција од страна на наставниците, но и информатор од интерес на родителите и старателите на учениците.
„И тој треба да надмине низа предизвици со кои корисниците се соочуваа во изминатите години. Јас ќе посочам банален пример – очекуваме, наставниците повеќе да не седат будни доцна во ноќта кога интернет сообраќајот и платформата не се оптоварени, за да внесуваат оценки, изостаноци и така натаму“, рече Јаневска.
Додаде дека веќе погледнала како функционира новиот електронски дневник и дека без разлика на нејзините сугестии за надградба кои ги има поради промените што ќе следат во образованието, конечниот збор за финалното решение пред да биде имплементирано во пракса, ќе го имаат оние што најмногу ќе треба да го користат.
„Ова ново софтверско решение ќе го примениме по успешно заокружување на сите подготвителни активности. Како што напоменав, ќе има дополнителни адаптирања и тест период, потоа ќе биде потребна квалитетна обука за сите засегнати, како и мигрирање на податоците од постојниот систем“, нагласи Јаневска, додавајќи дека во следниот период Министерството за образование и наука ќе се фокусира на искористување и на останатите можности од Инструментот за претпристапна помош во интерес на дигитализацијата на образованието и поквалитетно функционирање на воспитно – образовниот систем.