Трамп реагираше на оставките на директорот и уредничката на информативната програма на британската телевизија
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа на својата социјална мрежа Truth Social остро ги оцени новинарите на британската телевизија Би-Би-Си како „корумпирани“ по објавата за оставките на генералниот директор и уредничката на информативната програма, вмешани во контроверзна монтажа на негов говор од 6 јануари 2021 година.
„Највисоките луѓе во Би-Би-Си, вклучително и шефот Тим Дејви, си поднесоа оставки бидејќи беа фатени како го „фалсификуваат“ мојот говор. Благодарност до Дејли Телеграф за разоткривањето на овие корумпирани новинари. Ова се многу нечесни луѓе кои се обидоа да влијаат на изборите. Пред се, тие се од странска земја, која многумина ја сметаат за наш сојузник број еден. Каква ужасна работа за демократијата“, напиша Трамп.
Монтиран говор за изборите предизвика оставки во Би-Би-Си
Аферата ја откри британскиот весник Дејли Телеграф и се однесува на документарен филм емитуван една недела пред претседателските избори во САД. Би-Би-Си беше обвинет дека манипулирал со делови од говорот на Трамп, прикажувајќи како да го повикуваат своите приврзаници да маршираат кон Капитол за да „се борат како ѓаволи“.
Генералниот директор на Би-Би-Си, Тим Дејви, и извршната директорка на вестите, Дебора Тернес, вчера поднесоа оставки, признавајќи дека документарецот „Панорама“ довел во заблуда дел од гледачите.
„Сакав да ве известам дека одлучив да го напуштам Би-Би-Си по 20 години. Ова е целосно моја одлука, останувам многу благодарен за поддршката на Управниот одбор, особено во овие критични денови, изјави Дејви.“
Тој додаде дека Би-Би-Си функционира добро, но мора да биде транспарентна и одговорна, а како генерален директор ја презема конечната одговорност за грешките.
Последици и реакции
Оставките следат по контроверзната монтажа која се појави во документарецот на Би-Би-Си. Трамп и натаму ја истакнува корупцијата и влијанието на странски медиуми врз американските избори, што предизвика силни реакции и дебата за медиумската етика и точноста на известувањето.
