Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, изјави дека проблемот со зголемувањето на платите во јавната администрација е сложен и бара долгорочно и системско решение. Тој нагласи дека унифициран систем за плати би обезбедил вработените со исти компетенции да добиваат иста плата.

Нееднаквост во платите во јавната админстрација предизвикана од ад хок решенија

Андоновски посочи дека основниот проблем е што дел од институциите преку поединечни колективни договори добиле зголемување на платите, додека останатите институции биле оставени на истиот платен систем.

„Собранието си ја зголеми платата, високото образование доби зголемување, а поединечни институции како УЈП го решија прашањето со ад хок решенија. Тоа создава нееднаквост во системот,“ истакна Андоновски.

Тој додаде дека Министерството за финансии е единственото што потпишало ваков договор пред изборите.

Проблем со квалификуваните вработени

Министерот нагласи дека повеќе од 15 години, во Министерството за дигитална трансформација има вработени кои останале на позиции за лица со средно образование, иако завршиле високо образование.

„Овие луѓе имаат повеќе од пет години високо образование и во изминатите 12 години можеле да бидат унапредени. Тоа не се случило,“ рече Андоновски, истакнувајќи дека ова е уште еден пример за долгогодишни структурни пропусти.

За протестите: Потребен е дијалог

По повод утрешниот протест на вработените во осум министерства, Државниот завод за статистика и Државниот архив, Андоновски го истакна значењето на дијалогот.

„Протестот е демократско право, но не треба веднаш да се оди на протест без претходно да се разговара и да се бараат решенија. Ние сме подготвени за дискусија,“ рече тој.

Андоновски додаде дека неколку пати се сретнал со синдикалните претставници, вклучувајќи ги УПОЗ и Сојузот на синдикати, и дека е важно да се продолжи дијалогот за надминување на проблемите.

Буџетот како клучен фактор

На прашањето дали постојат средства за зголемување на платите, министерот одговори дека ова е прашање за генералниот државен буџет.

„Тоа е прашање што го раководи Министерството за финансии. Решенијата треба да бидат системски и да не се бараат парцијално во една институција, бидејќи тоа го прелева проблемот на другите институции,“ рече Андоновски.