Можно одложување на стартот на „Сејф сити“
Под прашање останува дали од 1 февруари ќе започне примената на системот „Сејф сити“ за автоматско санкционирање на сообраќајните прекршоци. Причината е тоа што во Собранието сè уште не е обезбедено потребното двотретинско и бадентерово мнозинство за усвојување на измените на Законот за прекршоците.
ДУИ без поддршка за законските измени
Опозициската ДУИ, предводена од Али Ахмети, засега не ги поддржува законските решенија предложени од владејачкото мнозинство. Без гласовите на оваа партија не може да се обезбеди потребното мнозинство од припадниците на заедниците, што претставува уставен услов за донесување на вакви законски измени.
Дигитална достава на казните и построги мерки
Претседателот на Собранието Африм Гаши изјави дека меѓу пратеничките групи сè уште нема договор за усвојување на измените на Законот за прекршоците. Тој нагласи дека, доколку се постигне согласност, измените веднаш ќе бидат ставени на дневен ред на собраниска седница, при што досега немало забелешки за самиот текст на законот.
Со законските измени се предвидува казните за прекршоци евидентирани преку камерите на „Сејф сити“ да се доставуваат електронски, преку СМС порака, електронска пошта или дигитална апликација. Во известувањето ќе се испраќа линк за преземање на записникот и прекршочниот платен налог, со јасно утврдени рокови за прием и важност на доставата. Дополнително, измените предвидуваат трајно одземање на возилото и престанок на важењето на возачката дозвола за возачи кои управувале под дејство на алкохол или дрога.
