Лансирањето може да се помести до 2028 или 2029 година
„Sony“ би можел да го одложи лансирањето на новата конзола „PlayStation 6“ поради недостиг на мемориски чипови предизвикан од растечката побарувачка за технологии поврзани со вештачката интелигенција, објавува „Telegraph“.
Според информациите, премиерата на „PS6“, која првично се очекуваше кон крајот на следната година, сега може да се одложи до 2028 или дури до 2029 година. Причината е отежнатата набавка на клучни компоненти за хардверот, поради зголемената глобална побарувачка за полупроводници што се користат во центри за податоци и AI системи.
Компаниите од секторот на потрошувачка електроника се соочуваат со сериозен притисок врз трошоците. Производителите на мемориски чипови со случаен пристап (RAM) ги насочуваат своите капацитети кон профитабилниот пазар на вештачка интелигенција, особено кон компании што развиваат чет-ботови и други AI алатки.
Според проценките на „Counterpoint Research“, цената на RAM чиповите пораснала за околу 600 проценти во текот на изминатата година. Овој скок ги принудува технолошките компании да размислуваат дали да ги зголемат цените на своите производи или да ги одложат новите лансирања.
Дополнително, „Trendforce“ прогнозира дека цените на мемориските чипови би можеле повторно да се удвојат во првиот квартал од 2026 година.
„PlayStation 6“ треба да биде наследник на „PS5“, кој беше претставен во 2020 година. Сепак, актуелните пазарни услови и конкуренцијата за полупроводници отвораат можност новата генерација на конзоли да пристигне значително подоцна од првично планираното.
