Се очекува во периодот што следи Комисијата за заразни болести да одлучува по предлогот на Министерството за здравство за носење маски во затворени простории при подолг престој, како и редовно проветрување на просториите. Ваквиот предлог на Министерството следува по забележаното зголемување на трансмисија на коронавирусот.

– При престојување во затворена просторија подолго време да се носат маски, а лицата од ризичните категории маска минимум ФПП2 или Н95 или ФФП3. Просториите во кои се престојува подолго (канцеларии, занимални во градинки, сали за состаноци и слично), како и спортски објекти, редовно да се проветруваат и да се дезинфицираат. Да се избегнува непотребно собирање во големи групи и секогаш кога може да се одржува растојание од два метра, се препораките од Министерството за здравство кои вчера ги упатија до Комисијата.

Министерството и Комисијата активно ја следат состојбата со Ковид-19 во земјата, но и состојбите и на европско и на светско ниво. Па затоа, како што посочува Министерството, иако во моментот состојбата е релативно мирна, со цел да остане таква се препорачува внимание и преземање мерки за лична заштита. Ова особено се однесува на постарите лица, лицата кои имаат една или повеќе хронични болести и сите кои имаат намален имунитет поради која било причина.

Доколку граѓаните почувствуваат некои од стандардните симптоми (сува кашлица, температура, болки во грло, болки во мускулите и слично) треба веднаш да побараат помош од матичен лекар и задолжително да носат маска.

Во здравствените домови ширум државата веќе е зголемен бројот на термини за тестирање на пациенти, а само во Здравствен дом – Скопје тестирање се врши во пет пункта. Според Министерството се уште најефикасна заштита од развој на потешки форми на ковид и хоспитализација останува вакцинацијата против ковид.

За целосно заштитени, како што наведуваат од Министерството, се сметаат тиe кои имаат примени две дози вакцини и дополнителна, т.е. бустер доза. Сите оние кои не се вакцинирале или не го завршиле целиот вакцинален циклус, се препорачува истото веднаш да го направат, а кај оние кои поминале четири месеци од бустер дозата им се препорачува и второ бустирање.

Инаку, на сила е се уште обврската за носење маски во јавен превоз, здравствени установи, аптеки и домови за стари лица.

На состанокот што се одржа во четвртокот, Комисијата за заразни болести констатира дека државата се наоѓа во зелена зона со доволно капацитети за згрижување на пациентите и не се потребни дополнителни рестриктивни мерки.

На овој состанок било разгледано и прашањето за достапноста на тестовите за Ковид-19, при што се препорачува двојно зголемување на капацитетите за тестирање на институциите кои се надлежни за тоа.

Зголемувањето на бројот на нови случаи, според Министерството изнесува 79,9 отсто.