Отворен ден по повод Светскиот ден на мозочниот удар

По повод одбележувањето на Светскиот ден на мозочниот удар, кој се одбележува на 29 октомври, Универзитетската клиника за неврологија најави отворен ден за граѓаните, посветен на подигнување на свесноста за ризиците, превенцијата и раното препознавање на ова сериозно заболување. Настанот, што ќе се одржи под мотото „Мозочниот удар се лекува“, има за цел да потсети дека навремената реакција и информираноста можат да спасат животи, соопшти Министерството за здравство.

Бесплатен доплер преглед без упат

Во рамки на настанот, утре од 10 до 12 часот во просториите на Клиниката ќе се изведуваат бесплатни доплер прегледи на каротидни артерии за сите заинтересирани граѓани, без потреба од упат.

Со акцијата, Клиниката упатува порака за значењето на редовните контроли и раното откривање на ризик факторите што можат да доведат до мозочен удар – висок крвен притисок, шеќер во крвта, покачени масти, пушење и седечки начин на живот.

 Настанот има за цел да потсети дека навремената реакција и редовната превенција можат да спасат живот.