Министерството за труд и социјална политика информира дека денеска почнува етапната исплата на јулските пензии, кои продолжуваат да се исплаќаат предвремено.

Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите кои не користат картички ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата и тоа за пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на денеска, за пензии со висина 11.001-14.000 денари утре (четврток), за пензии со висина 14.001-18.000 денари, во петок и за пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши во понеделник, соопшти денеска МТСП.

Пензионерите кои користат платежна картичка, поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите можат да располагаат од 27 јули (среда). Тие можат да ја подигнат пензијата на банкомат, да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа или за електронски плаќања.

Министерството за труд и социјална политика укажува дека пензиите се сигурни на сметките на корисниците, пензискиот систем е стабилен и функционира без проблеми. Од МТСП апелираат до пензионерите да се придржуваат до распоредот за исплати, затоа што етапната исплата е направена со цел да се намали метежот пред и во банките со цел заштита на личното и јавното здравје.