-Од почетокот на работата на овој Парламент и парламентарен состав, нешто што е нотирано и од страната на европската делегација е постојаната злоупотреба на европското знаменце. За што служи европското знаменце? Тоа служи за закони кои што треба да се хармонизираат со регулативи, директиви и акти на ЕУ, а во моментот на пример имаме предлог закон за реформа во образовниот систем во кој што не се повикува на европското законодавство, туку се повикува на некои декларации кои што не се законодавство на ЕУ и што е целта, злоупотреба на европска вредност за да се избегне дијалог и за да се избегне дебата. Паралелно зошто? За да се наметне тој образовен радикализам неуспешен на министерката Мила Царовска, истакна Тимчо Муцунски, пратеник од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ во гостување во емисијата „24 анализа“.

Муцунски додаде дека Мила Царовска е класичен пример за избегнување на дебата.

-Истиот министер кој што бараше задолжување од 25 милиони евра за апстрактна реформа и не дојде пред пратениците да каже зошто го бара тоа задолжување, при тоа дрско одговарајќи на мене лично на пратеничко прашање и дека нема да дојде кога ќе се дискутира на пленарната седница, за да сега злоупотребува т.н. европска вредност за да направи социјален немир во нашата држава и да создаде проблеми на идни генерации, рече Муцунски.

Муцунски посочи дека тоа не е начин на кој што функционира дијалог власт – опозиција. И ВМРО-ДПМНЕ такво однесување нема да го толерира и нема да дозволи примарно во интерес на граѓаните.

-Од 2017-та година кога ќе ги погледнеме економските критериуми секоја година ни се ветува економска година. Денес бев многу загрижен кога од Народната банка слушнав проекција за понатамошен раст на цените, понатамошен раст на енергенсите, загриженост за степенот во што се движи националниот долг, што значи дека нашите граѓани гледавме и вчера по растот на потрошувачката кошница која што не оди пропорционално со растот на платите, нашите граѓани за жал се посиромашни ќе стануваат. А, веќе стануваат се посиромашни од година во година, истакна Муцунски.

Муцунски додаде дека власта нема квалитетни економски реформи,а поради тоа граѓаните се повеќе страдаат.

-А, власта нема квалитетни економски реформи поради тоа што не постои дијалог и разбирање на релација Влада – синдикати – стопански комори. Владата нема чувство за тоа што му е потребно на работникот, и што им е потребно на компаниите, рече Муцунски.

Муцунски посочи дека од 2017-тата година постојано се ветува од страна на власта реформа во правосудството и администрацијата. Во последните десет месеци во овој собраниски состав не е донесен Закон за подобрување на судството, правосудството и администрацијата.