Градската администрација го има донесено градот до степен на апсурд и за жал наместо преземање мерки за решавање на проблемот слушаме говори полни со навреди. Но, тоа не е нашето ниво. Без разлика на политичката партија, етничката припадност сите сме обединети да си помогнеме и да го решиме проблемот на граѓаните. Ова во денешната изјава по завршување на седницата на Скопскиот плански регион во изјава за медиумите го истакна градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски.
„Немаме капацитет и немаме финансиски ресурси како општини и во овој случај потребно е да престане политиката. Не може Штип, Велес, Битола и Старо Нагоричане да доаѓаат да ни ги чистат контејнерите, бидејќи тоа е обврска на функционерите од Градот кои се именувани и избрани за тоа“, потенцираше Муцунски во изјавата.
Тој притоа упати апел за разумност и во име на сите градоначалници од скопскиот плански регион, а поради постоење на здравствен ризик, побара градските служби веднаш да постапат со собирање на отпадот, затоа што како што потенцираше во изминатите неколку дена и цели две години гледаме неработење и неразумност.
Општина Аеродром во текот на изминатата вечер со поддршка на Општина Штип започна акција за индивидуално собирање на сметот од контејнерите. Со капацитетите кои не се ставени на располагање, таа акција продолжува и денес.