Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, ги пречека делегациите од Република Австрија и Република Словенија, кои престојуваат во работна посета на земјата, а кои се предводени од австриската сојузна министерка за Европа, интеграција и семејство, Клаудија Плаколм и државната секретарка во словенечкото Министерството за надворешни и европски прашања, Нева Грашич.

Како што соопштија од МЕП, во рамките на посетата се одржаа билатерални средби и заедничка трилатерална средба на која била потврдена континуираната и принципиелна поддршка од Австрија и Словенија за европската интеграција на Македонија.

-На состанокот беше истакната исклучителната важност на продлабочувањето на соработката со двете држави, кои како докажани пријатели и партнери на нашата земја, доследно ја поддржуваат нејзината европска перспектива. Министерот Муртезани изрази благодарност за досегашната силна и видлива поддршка што Австрија ја дава во рамките на политиката на проширување на Европската Унија и за нејзината активна улога во афирмацијата на концептот на постепена интеграција, како средство за побрзо приближување на земјите од Западен Балкан кон европското семејство. Притоа, тој потенцираше дека Македонија останува посветена на исполнувањето на обврските и реформите врз основа на заслуги и очекува европскиот процес да продолжи со јасна и меритократска динамика, се наведува во соопштението.

Во разговорите со австриската страна, се додава, било нагласено значењето на ангажманот на Австриската агенција за развој (ADA) во регионот, особено во областите на добро владеење, владеење на правото, одржлив и инклузивен економски развој, како и заштита на животната средина и климатските политики.

Министерот Муртезани ја изразил подготвеноста за посилно вклучување на Агенцијата во координациските механизми на Владата, како и интерес за воспоставување постојано претставништво на ADA во земјата, со цел уште поефикасна реализација на заедничките развојни приоритети.

Во рамките на разговорите со словенечката делегација, била потврдена долгогодишната традиција на пријателство и блиска соработка меѓу двете земји, кои немаат отворени прашања и се одликуваат со исклучително партнерски односи.

-Словенија и понатаму останува еден од најгласните и најконзистентни поддржувачи на европската интеграција на Македонија, како и активен учесник во реализацијата на билатерални и регионални проекти за институционално зајакнување и развој. Во тој контекст, беше посочена и успешната имплементација на повеќе инфраструктурни и енергетски проекти финансирани со словенечки развојни средства, насочени кон заштита на животната средина, дигитализација, иновации и локален економски развој, се наведува во соопштението.

На средбата министерот Муртезани ја нагласил подготвеноста на Македонија за натамошно интензивирање на политичкиот дијалог и продлабочување на соработката со Република Австрија и Република Словенија, во духот на заедничките европски вредности и регионалната солидарност.