На Платформа 2: 100% посветени за тебе се обрати и министерот за европски прашања, Орхан Муртезани кој се осврна на интеграцијата во Европската Унија. Тој на почетокот на своето обраќање ја издвои работата на Реформската агенда која е дел од Планот за раст на Западен Балкан на Европската Комисија.

„Реформската агенда е усвоена, а денвиве ја чекаме и Имплементирачката рамка која е обемна и која сериозно не само што ќе ги подготви нашите институции да станат кредибилни за влез во Европската Унија, а од друга страна и обврзувачки т.н. „прајс тагови“ односно условно речено награди за постигнувањето на реформите кои дополнително ќе ја забрзаат нашата интеграција,“ рече министерот Муртезани.

Осврнувајќи се на евроинтегративниот процес тој истакна дека според него можеме во моментов да гледаме на него како составен од два дела.

„Едниот дел е формалниот услов од Европската нија за спроведување на уставните измени. Меѓутоа исто така значаен процес е и процесот на имплементација на внатрешните реформи. Бидејќи ние и доколку ги донесеме уставните измени, реформите се процес кој мора да се одвива. И тој процес мора да се одвива согласно стандардите на Европската Унија бидејќи само така има смисла процесот, кој на крај треба да не приближи до Европската Унија. Моментално се работи на Патоказот за владеење на правото и Реформа во администрацијата, кои се основи за отворање на кластерот Фундаменти. Овие два патокази очекувам да бидат завршени во следните два месеци и со тоа нашата држава и формално правно ќе биде подготвена за отворање на овој кластер. Што се однесува до Уставните измени, многу јасно ја имаме изнесено нашата позиција, а таа е дека имаме подготвеност за носење на уставните измени, но пораката е јасна, носењето на уставните измени не треба да служи само за отворање на процесот. Ние мора да знаеме дека тој процес ќе заврши и кога. Со ова, настојуваме да го осигуриме процесот од отпочнување до завршување на преговорите, бидејќи согледуваме потенцијални места каде би можеле да се соочиме со повторни блокади од Бугарија. Во моментот кога ќе ги елиминираме, секако дека ќе продолжиме напред. На ова инсистираме, бидејќи, во случај на повторна блокада понатаму, прво, надежта помеѓу граѓаните ќе се изгуби во голема мера и ќе биде тешко да се убедат граѓаните дека ние еден ден ќе завршиме во Европската Унија. И второ, што е за мене и поопасно, во средина каде што има руска агресија врз Украина, ако потенцијалните идни блокади донесат до пораст на евроскептицизмот во нашата држава, мислам дека таа ситуација би била дури и опасна,“ стакна министерот Муртезани.