Вишиот скопски обвинител Мустафа Хајрулахи поднесе кривична пријава против државниот обвинител Љупчо Коцевски. Смета дека првиот човек во Обвинителството ја злоупотребил службената положба, а со пријавата се опфатени и штипските обвинители Татјана Кацарова и Ристо Бојаџиски како и членот на Советот – Ермон Незири.
(ВИДЕО) БОМБА НА ОБВИНИТЕЛОТ ХАЈРУЛАХИ: Ова се криминалите на обвинителската мафија!
Станува збор за случајот што го води штипското обвинителство, а во кој Хајрулахи е осомничен за малтретирање во вршење на службата. Тој за МТВ појаснува дека неговите колеги иако требале, не го примениле поблагиот закон, според кој за ова кривично дело не се води истрага. Хајрулахи се сомнева оти ова е намерно направено, за да се отвори кривична постапка која може да се искористи како изговор за негова суспензија.
Тврдењата на Хајрулахи
Хајрулахи поднесе кривична пријава, а истото го образложи за МИА. Хајрулахи изјави дека смета оти кривичната пријава против него била тенденциозно поднесена од страна на државниот јавен обвинител.
Тој нагласи дека од февруари 2023 година постои измена на запретената казна затвор за делото за кое се товари според член 353 од Кривичниот законик. До тој момент, казната била предвидена во траење од пет години, а со измената таа била зголемена на осум години затвор.
Според него, државниот јавен обвинител требало да ја земе предвид пониската казна при поднесувањето на кривичната пријава, бидејќи ако се применел стариот правен основ, немало да има право да се отвора истрага против него.
Истражна постапка против Хајрулахи
Пред околу четири месеци, Основното јавно обвинителство Штип донесе наредба за спроведување истражна постапка против Хајрулахи, поради основано сомнение за сторено продолжено кривично дело „малтретирање во вршење на службата“ и продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Претходно, група вработени во Вишото јавно обвинителство Скопје поднесоа кривична пријава против Хајрулахи за малтретирање во вршење на службата до Јавното обвинителство на Македонија, кое ја проследи пријавата за понатамошно постапување до ОЈО Штип.
Во текот на истражните дејствија што ги презеде штипското обвинителство, биле добени податоци и сознанија кои упатуваат на сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување.
По приемот на известувањето за поведена истрага, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, државниот јавен обвинител донесе одлука за оддалечување од функцијата на Хајрулахи, сè додека трае кривичната постапка поведена по поднесената пријава против него.
Инаку, на барање на Владата за државниот обвинител е почната постапка за разрешување. Предлогот за разрешување е доставен во Советот на јавните обвинители.