Истите членови на Советот на јавни обвинители кои на седницата во мај жестоко ја критикуваа работата на Мустафа Хајрулахи на чело на Вишото обвинителство на Скопје, денеска едногласно го реизбраа на оваа функција за нов 4- годишен мандат, по што му изразија и пофалби. Претседателот на Советот на обвинители, Антонио Јолевски, призна дека имало критики за ова обвинителство, предводено од Хајрулахи, но рече дека вината не е целосно негова.
Според записникот од 55-та седница на Советот на обвинители, за време на претходниот мандат на Хајрулахи, нема податоци за утврдена штета од кривични дела, немал конфискација на незаконски имот, нема податоци за одбиени пријави, за застарени предмети и други сериозни забелешки, но и покрај ова државниот обвинител Љубомир Јовески позитивно го оцени со 24,5 поени.
Потсетуваме дека во трката за шеф на ова обвинителство, покрај Хајрулахи, имаше и други двајца кандидати Бурим Рустеми и Фатиме Фетаи, но тие се повлекоа. Ова го искористи членот на Советот на обвинители да ги нападне новинарите зошто го критикувале Хајрулахи.
„Желбата да се сензационализираат овие двајца кои се откажаа, создаде потреба да се оцрни кандидатот што ќе го поддржам“, рече Коле Штерјев, член на Советот на обвинители.
И претседателот на Советот на обвинители, Антонио Јолевски, изрази жалење што имал еден кандидат за оваа важна функција, но се надева дека повлекувањето на другите двајца кандидати е направено со целосна нивна волја. Инаку, Јавното обвинителство денеска соопшти дека е поведена дисциплинска постапка против поранешната обвинителка за спречување организиран криминал и корупција, Вилма Русковска и уште две обвинителки од ова обвинителство, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска