Поранешниот косовски премиер, Иса Мустафа, смета дека не може да се очекува меѓународната заедница да падне во замката на игрите на владата на Албин Курти со Административното упатство за вонредни локални избори во општините со мнозинско српско население во северно Косово.

Според Мустафа, популистичките акции во северните општини и бегањето од спроведувањето на договорот за стабилизација на состојбите во тој дел од земјата, го санкционираа Косово за прв пат како држава.

Популистичките акции во северните општини и бегањето од спроведувањето на договорот го санкционираа Косово за прв пат како држава. Не може да се очекува меѓународната заедница да падне во замката на игрите на Владата со Административното упатство, изјави Мустафа за порталот „Газета Блиц“.

Поранешниот косовски премиер смета дека проблемот лежи во имплементацијата на договорот што во Охрид во март годинава го потпишаа Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Сметам дека суштината на проблемот лежи во спроведувањето на Охридскиот договор. Курти го прифати Договорот што го содржи самоуправувањето на српската заедница во Косово – автономија за Србите – како и спроведувањето на сите претходни договори, изјави Мустафа.

Тој вели дека со ваквото однесување на владата на Курти не очекува избори на вонредните избори во четирите општини со мнозинско српско население, туку само заострување на санкциите кон Косово.

Со ваквото однесување на владата не очекувам решение на северот на земјата, ниту пак избори, туку заострување на санкциите против Косово, изјави Мустафа.

Според него, актуелните лидери на државата се избрани со гласовите на граѓаните, односно самите граѓани одлучиле да имаат лидери кои ги игнорираат Европската Унија, САД и НАТО.

Лидерите на државата се избрани со гласовите на граѓаните и затоа е илузорно и претставува политичко слепило да се мисли дека граѓаните не треба да бидат казнети за постапките на лидерите, бидејќи граѓаните имаат своја одговорност. Тие решија да имаат лидери на кои не им е грижа за ЕУ, САД, НАТО, а голем дел од нив, според јавното мислење, сè уште размислуваат на истиот начин, вели Мустафа.

За средбата меѓу Курти и Вучиќ, што се очекува да се одржи во текот на овој месец, Мустафа вели дека „доколку не се смени однесувањето и дискурсот на власта кон државните обврски и сојузниците на Косово од септемвриската средба не може да се очекува ништо конкретно“.

Тоа ќе биде сцена на повторувања на популистичките фрази на Курти за милитантите од (неговата партија) Движење самоуправување (ВВ), како и на Вучиќ за неговите граѓани и за меѓународната заедница, која благодарение на грешките што ги прави нашата влада, сè повеќе застануваат на страната на Србија, изјави Мустафа.